ЃОРЃИЕВСКИ НАЈАВИ 2 НОВИ УЧИЛИШТА Парите заштедени од Лимак пренасочени за мост и за кружен тек кај Сарај

Новите објекти ќе се градат паралелно во Драчево и во Ѓорче Петров, каде што дел од средношколците сè уште учат во бараки. Градоначалникот најави и целосно завршување на подземната сообраќајница „Македонија“ до крајот на мандатот.

41

Два нови училишни објекта ќе почнат паралелно да се градат во Драчево и во Ѓорче Петров, најави градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, вечерва во емисијата „Директно – Една година потоа“ на ТВ Телма. Средствата за изградбата ќе бидат предвидени со претстојниот ребаланс на градскиот буџет, а градоначалникот посочи дека во Ѓорче Петров средношколците и денес учат во бараки.

– Еве ексклузивно, две нови училишта коишто паралелно ќе почнеме да ги градиме. Тоа е ново училиште на местото на ветеринарното училиште и гимназијата во Драчево и училиштето во Ѓорче Петров, каде што, за жал, во 21 век средношколците наши таму учат во бараки – рече Ѓорѓиевски.






Градоначалникот објасни дека ребалансите на буџетот се прават за заштедените средства од тендерските постапки и од проектите да се пренасочат кон нови инвестиции.

– Ребалансот на буџетот го правиме секогаш кога ќе ни останат средства. Ќе се случи да имаме заштеда од одредени постапки, проекти и така натаму, и тие средства ги предвидуваме за нови проекти коишто кореспондираат со сето она што јас сум го ветил во предизборието пред граѓаните – изјави тој.

Од „Лимак“ пари за нов мост

Тендерската цена за втората фаза на подземната сообраќајница „Македонија“, позната како „Лимак“, се намалила од планираните 1,1 милијарда на 750 милиони денари. Според Ѓорѓиевски, разликата од 350 милиони денари е пренасочена за започнување на постапката за изградба на нов мост и кружен тек на влезот во Скопје од страната на Сарај.

– Остатокот од средствата ние ги реалоциравме и затоа беше ребалансот, за да започнеме постапка за нов кружен тек на влезот во Скопје од страната на Сарај и нов мост. Проект којшто е ветуван триесетина години во главниот град – рече градоначалникот.

Тој најави дека подземната сообраќајница ќе биде целосно завршена до крајот на неговиот мандат, иако во предизборната кампања ветил реализација само на првата фаза, односно пристапот од Кисела Вода кон планираните тунели.

– Лимак, добро познат во јавноста, или подземната сообраќајница „Македонија“, јас во кампањата ветив дека ќе ја реализирам само првата фаза, а тоа е влезот на Кисела Вода према тунелите што се планираат, но до крајот на мандатот ќе ја реализираме во целост. А тоа е сериозен проект – изјави Ѓорѓиевски.

Поголема наплата, повеќе капитални инвестиции

Градоначалникот се осврна и на финансиската состојба на Град Скопје.

– Ние веќе како град сме финансиски консолидирани, за 18% ни е зголемена наплатата оваа година. Мислам дека сме стабилни и ќе можеме на сите предизвици да одговориме во наредните три години, онака како што планираме – рече Ѓорѓиевски.

Реализацијата на капиталните инвестиции заклучно со третиот квартал изнесува 1,1 милијарда денари, според податоците што ги изнесе градоначалникот. Тој направи споредба со претходните градски администрации.

– Заклучно со трет квартал, 1,1 милијарда денари е реализацијата, што е за 50% повеќе од првата година на Петре Шилегов и 40% повеќе од времето на Данела Арсовска – рече Ѓорѓиевски.

Според неговите очекувања, до крајот на годината капиталните инвестиции би достигнале околу 2 милијарди денари, односно повеќе од една третина од градскиот буџет.

Поврзани содржини