СИТЕ СЕ ЗАДОВОЛНИ ОД АКЦИСКИОТ ПЛАН, САМО БУГАРИЈА НЕ Е Време е Унијата да покаже волја и да понуди гаранции

Акцискиот план за малцинствата е изработен со експерти на Советот на Европа, но сепак бил испратен на увид во Софија, посочи претседателката Сиљановска-Давкова. Таа го нарече тоа редок феномен и го постави прашањето дали ваквиот однос е во духот на Европската Унија.

86

Сите држави во ЕУ се задоволни од македонскиот Акциски план за малцинствата, освен Бугарија, иако документот е изработен со експерти на Советот на Европа, изјави претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во интервју за емисијата „Тема на денот“ на телевизијата „Сител“, од Брисел.

Таа побара Европската Унија да покаже политичка волја и да понуди конкретни решенија и гаранции за деблокирање на македонските евроинтеграции.






Претседателката го посочи како невообичаен и начинот на кој документот бил доставен на разгледување.

– Акцискиот план за малцинствата, е редок феномен да го работите со експерти на Советот на Европа, уште поредок феномен е да го испратите, наместо директно до Европската комисија, кај соседот на увид. Сите држави се задоволни од Акцискиот план за малцинствата, повторно само Бугарија не е. Не знам дали тоа е во духот на она што ЕУ го бара – рече Сиљановска-Давкова.

Според претседателката, Македонија во суштина нема проблем со Европската Унија, туку со Бугарија, иако во преговарачката рамка веќе е вклучен билатерален услов што, како што оцени, не би требало да биде дел од европскиот пристапен процес.

Таа укажа и на противречните пораки што ги добива Македонија: Софија тврди дека прашањето е европско, додека институциите на ЕУ ја упатуваат земјава на директни разговори со Бугарија.

ЕУ да понуди гаранции, не нови услови

Сиљановска-Давкова смета дека Македонија заслужува да биде меѓу предводниците во процесот на проширување, но дека по повеќекратните отстапки и уставни промени, време е и Унијата да преземе иницијатива за изнаоѓање решение.

– Веројатно сме држава која најмногупати била поттикнувана и охрабрувана да манифестира политичка волја за да го прифати последниот услов, под наводници, или последното барање. Сакав да упатам порака дека и Европската Унија треба да покаже политичка волја. Мислам дека нам ни е местото меѓу фронтранерите. Кога сака, Европската Унија може да биде многу креативна и да манифестира таква политичка волја – рече претседателката.

Како можни решенија ги посочи одложеното дејство на уставните измени и дополнителни објаснувачки одредби со кои би се прецизирале европските принципи и обврски. Според неа, Македонија мора однапред да знае под кои услови ќе продолжи пристапниот процес.

– Сакаме да знаеме под кои услови ќе продолжат работите понатаму. Можно е да се креираат објаснувачки одредби со кои ќе се даде одговор на прашањата што се најважни за Европската Унија – што значат еднаквоста, солидарноста, пристапот на добра волја и обврската на ЕУ да ги почитува уставните и политичките структури, како и културниот и националниот идентитет – рече Сиљановска-Давкова.

Овие пораки се надоврзуваат на нејзиниот настап на Самитот за проширување на ЕУ во Брисел, каде што во интервју за „Евроњуз“ порача дека дијалогот со соседите мора да биде рамноправен и дека македонскиот јазик и идентитет не можат да бидат предмет на преговори.

Хрватска нуди рок, Бугарија не

Претседателката направи споредба меѓу македонско-бугарскиот спор и отворените прашања на Црна Гора со Хрватска, посочувајќи го пристапот на хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ.

Таа го поздрави неговиот став дека постои простор проблемите со Подгорица да се решат до 2028 година, оценувајќи дека таквиот пристап покажува подготвеност за дијалог и заедничко изнаоѓање решенија.

– Самото тоа што господинот Пленковиќ вели дека до 2028 година проблемот ќе се реши, отвора простор за решение. Сите знаеме дека тоа е вистинскиот пристап. Имаме забелешки, меѓутоа заедно ќе ги решиме. Во однос на нас, не сум слушнала такво поттикнување или такво охрабрување – рече Сиљановска-Давкова.

Таа нагласи дека го поздравува напредокот на Црна Гора и дека, 13 години по влезот на Хрватска во ЕУ, е време европските врати пошироко да се отворат за Балканот.

Сиљановска-Давкова најави и дека ќе иницира средба со новоизбраната бугарска претседателка за продолжување на разговорите за отворените прашања.

Претседателката се осврна и на претстојниот извештај на Европската комисија, посочувајќи дека сè уште не го видела документот. Како клучни области за понатамошни реформи ги издвои владеењето на правото, борбата против корупцијата, независноста на институциите и економскиот развој.

Говорејќи за проширувањето, таа ја пренесе оценката на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, дека станува збор за геостратешка инвестиција, и ја поддржа постепената интеграција на земјите кандидатки во европските политики и механизми.

Поврзани содржини