БУГАРИЈА ПAK ПОД ОПСАДА ОД ЛАЖНИ ДОЈАВИ ЗА БОМБИ Заканите стигнаа и до патнички авион

Поради закана за експлозив, авион од Италија морал да слета во бугарската престолнина. Ова е трет ваков инцидент со патнички авион за нешто повеќе од две недели, додека закани добиваат и судови, болници и училишта.

33

Нов бран дојави за бомби ја погоди Бугарија, а заканите овојпат стигнаа и до патнички авион што летал од италијанскиот град Бергамо. Леталото било принудено да слета на аеродромот „Васил Левски“ во Софија, каде што специјалните антитерористички единици започнале проверка за евентуално поставен експлозив.

Вршителот на должноста главен секретар на бугарското Министерство за внатрешни работи, Љубомир Николов, соопшти дека заканата пристигнала преку електронска пошта.






– Непријатно е што сега почнаа да ги вклучуваат и авиокомпаниите, поради што се наметнува потреба од промена на курсот на авионите и преземање соодветни мерки – изјави Николов.

Тој нагласи дека засега нема информации за конкретни терористички намери, но безбедносните мерки на аеродромите се засилени.

Само еден ден претходно, авион од Лондон за Софија бил пренасочен кон Будимпешта поради слична закана. На 18 октомври, пак, лет од Тел Авив за Виена принудно слетал во Софија. Во ниту еден од претходните два случаи не била пронајдена бомба.

Денеска дојави за експлозивни направи добиле и Окружното обвинителство  Стара Загора и болницата во Казанлак. Судската палата во Стара Загора ја прекинала работата до 13 часот, а закажаните рочишта биле одложени.

Закани пристигнале и до судските згради во Бургас и Јамбол, како и до Општина Јамбол. Таму вработените продолжиле со работа додека полицијата ги проверувала објектите.

Во претходните денови слични пораки добиле и судови, училишта и детски градинки во повеќе бугарски градови. Проверките не откриле експлозивни направи.

Бугарија се соочува со вакви бранови уште од 2023 година, кога масовни закани непосредно пред изборите доведоа до воведување нов безбедносен протокол. Според него, евакуацијата не е автоматска, туку зависи од полициската процена на ризикот.

Бугарските власти се соочуваат и со безбедносни ризици во Црното Море, каде што во изминатиот период беа пријавени напади со поморски дронови врз бродови во близина на бугарските води. Инцидентите го зголемија вниманието кон безбедноста на пловидбата, особено поради опасноста од оштетени бродови и евентуално истекување опасни материи.

Нападите врз бродовите се поврзуваат со војната меѓу Русија и Украина, но засега нема потврдени информации дека имаат каква било врска со лажните дојави за бомби во Бугарија.

Поврзани содржини