ОСНОВНАТА КАМАТНА СТАПКА ОСТАНУВА 4,25% Народна банка и натаму останува претпазлива во политиките
Задржувањето на основната каматна стапка, заедно со мерките преземени во доменот на задолжителната резерва и макропрудентната политика, ќе придонесе за одржување на стабилноста на девизниот курс на денарот во однос на еврото, за долгорочно стабилизирање на инфлацијата и за зацврстување на инфлациските очекувања, а соодветно ќе влијае и врз кредитните услови во економијата, оценува НБ.
Народната банка ја задржа основната каматна стапка на 4,25% со образложение дека високата неизвесност и непредвидливост и натаму упатуваат на потребата од претпазлив пристап.
-Задржувањето на основната каматна стапка, заедно со мерките преземени во доменот на задолжителната резерва и макропрудентната политика, ќе придонесе за одржување на стабилноста на девизниот курс на денарот во однос на еврото, за долгорочно стабилизирање на инфлацијата и за зацврстување на инфлациските очекувања, а соодветно ќе влијае и врз кредитните услови во економијата – оценува НБ.
Банката оценува дека состојбата на девизниот пазар е стабилна, а годишната стапка на инфлација во септември се задржа на релативно умерено ниво од 2,7%.
Најновите проекции на НБ за берзанските цени на примарните производи за наредниот период се ревидирани во нагорна насока, што упатува на поголеми увозни ценовни притисоци врз домашните цени во следниот период.
Според најновите проекции, се очекува инфлацијата во 2026 година да забави на 3,6% и да продолжи со надолно приспособување и враќање кон историскиот просек. Следствено, инфлацијата ќе се сведе на 3,4% во 2027 година, 2,2% во 2028 година и 2,0% на среден рок. Постепеното стабилизирање на инфлацијата на среден рок би произлегло од стабилизирањето на увозните цени, закотвените инфлациски очекувања и ограничените притисоци од домашната побарувачка.
Народна банка оценува дека домашната економија останува отпорна и покрај неизвесното и променливо надворешно окружување.
– Согласно подобрите остварувања во првата половина на годината, новите проекции упатуваат на умерено забрзување на растот на БДП, со стапки од 3,8% во 2026 година и 4% на среден рок, при непроменети оцени за фундаменталните фактори на растот – велат оттаму.
Се оценува и дека стапките на раст на депозитите и кредитите на банките, заклучно со септември, упатуваат на натамошно јакнење на депозитната база на банките и на посилна кредитна поддршка за економската активност.
-Врз основа на тековните движења, до крајот на 2026 година се очекува раст на депозитите од 7,8% и раст на кредитите од 12,8%. На среден рок, за периодот 2027 − 2029 година се предвидува умерено забавување на просечниот раст, којшто ќе изнесува околу 7,7% кај депозитите и 7,5% кај кредитите, обезбедувајќи натамошна стабилна поддршка на економијата преку банкарскиот сектор -велат од НБ.