📷 АВИОН ОД КЕЛН ЗА АНТАЛИЈА ИТНО СЛЕТАЛ ВО СКОПЈЕ Копилотот имал болки во стомакот и главоболка

Екипажот го активирал сигналот за вонредна состојба со кодот 7700, откако на копилотот му се слошило. Патниците го продолжиле патувањето со друг авион, кој пристигнал во Анталија околу 16:20 часот.

0

Авион на турската авиокомпанија „SunExpress“, кој летал од германски Келн кон турската туристичка дестинација Анталија, морал да го прекине редовниот лет и да слета на Меѓународниот аеродром Скопје, откако на копилотот му се слошило за време на летот. Екипажот прогласил вонредна состојба и побарал дозвола за итно слетување, а авионот безбедно се приземјил во Скопје во 5:06 часот наутро.

Авионот полетал од аеродромот Келн/Бон кратко по 3 часот. Додека летал над Балканот, екипажот испратил сигнал за вонредна состојба со кодот 7700. Овој код се користи во авијацијата за да ја извести контролата на летање дека леталото се соочува со итна ситуација и дека му е потребна приоритетна помош.






Според информациите на германската телевизија „RTL“, копилотот се пожалил на болки во стомакот и главоболка. По слетувањето во Скопје, на членот на екипажот му била укажана медицинска помош. Засега нема дополнителни информации за неговата здравствена состојба.

Фото: Принтскрин

Од „SunExpress“ потврдиле дека авионот бил пренасочен кон Скопје од медицински причини и дека слетувањето поминало безбедно.

Во меѓувреме, патниците не останале во Скопје, туку им бил организиран продолжеток на патувањето со заменски авион. Леталото пристигнало од Виена, по што патниците се качиле и го продолжиле патот кон Анталија.

Станувало збор за друг авион од типот „Boeing 737-800“, кој полетал од Скопје кон Турција и пристигнал во Анталија околу 16:20 часот по локално време.

Поврзани содржини