УНИВЕРЗИТЕТОТ ВО ШТИП ВЕТУВА ЦЕЛОСНА СОРАБОТКА СО МВР И ОБВИНИТЕЛСТВОТО Ректоратот порачува дека чесните студенти нема да бидат засегнати
По истрагата за сомнежите за злоупотреба на електронскиот систем за оценки од страна на вработено лице, од УГД велат дека наставата, научноистражувачката работа и меѓународната соработка продолжуваат да бидат приоритет.
Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип најави целосна соработка со Министерството за внатрешни работи и надлежното обвинителство во истрагата за сомнежите за злоупотреба на електронскиот систем за оценки од страна на вработено лице. Од Ректоратот порачуваат дека имаат нулта толеранција за корупцијата и злоупотребите во академската заедница и дека нема да дозволат случајот да ја наруши вредноста на дипломите на илјадниците студенти кои чесно го завршиле своето образование.
– УГД овозможува целосна, неограничена соработка со МВР и надлежното обвинителство за брзо и целосно расчистување на случајот – велат од Ректоратот.
Оттаму нагласуваат дека ваквите случаи и постапките за нивно откривање се важни за обезбедување подобри услови за студирање, повисок квалитет и поголема објективност во академскиот процес.
– УГД има нулта толеранција за корупцијата и злоупотребата во академската заедница и сметаме дека ваквите и слични случаи се во насока да се обезбеди подобро, поквалитетно и пообјективно студирање – порачуваат од Ректоратот.
Универзитетот упатува порака и до студентите, наставниот и административниот кадар, како и до пошироката јавност, дека останува посветен на академските вредности, чесноста и вистинитоста. Во соопштението се посочува дека институцијата ќе продолжи активно да работи на спречување и сузбивање на сите појави што ги нарушуваат овие принципи.
Од УГД истакнуваат дека студентите и нивното образование остануваат во центарот на универзитетските активности, а истрагата нема да влијае врз редовното функционирање на институцијата.
– Нашите студенти и нивното образование остануваат во центарот на сите наши активности. Наставниот процес, академските обврски, научноистражувачката работа и меѓународната соработка со низа реномирани европски универзитети продолжуваат да бидат наш приоритет – се наведува во реакцијата.
Како јавна високообразовна институција, УГД уверува дека ќе продолжи да работи транспарентно и отворено, со почитување на институционалниот интегритет.
Особено ја нагласува потребата сомнежите поврзани со истрагата да не се прелеат врз угледот на студентите и вработените кои своите обврски ги исполнуваат чесно.
– УГД нема да дозволи каков било сомнеж да ги наруши трудот и вредноста на дипломите на илјадниците чесни студенти и вработени – се вели во соопштението.
Од Ректоратот повторно потенцираат дека Универзитетот има нулта толеранција за секој облик на корупција или злоупотреба на службената положба.
– Институционалниот интегритет и довербата на нашите студенти се пред сè – порачуваат од Универзитетот „Гоце Делчев“.