📽️ НЕ СТИВНУВА БУНТОТ ПРОТИВ РАМА, ПОВТОРНО ГОРИ ТИРАНА Демонстранти со качулки палат канти и фрлаат камења

Неколку стотици демонстранти се собраа пред Министерството за образование, но протестот ескалираше откако група млади со качулки запали канти за отпад и почна да фрла камења кон полицајците.

54

Нови насилни инциденти ја потресоа албанската престолнина Тирана, каде што протестот против владата на премиерот Еди Рама повторно ескалираше. Демонстранти со качулки запалија канти за отпад и фрлаа камења кон полициските службеници пред Министерството за образование.

Протестот започнал со собир на неколку стотици граѓани пред Министерството, каде што демонстрантите скандирале „Рама, поднеси оставка!“ и „Нема Албанија без млади!“. Собирот првично поминувал мирно, но ситуацијата се влошила кога група млади лица со качулки запалила неколку канти за отпад, а потоа почнала да вади камења од тротоарот и да ги фрла кон полицијата.

 






Пред зградата на Министерството биле распоредени засилени полициски сили, меѓу кои и припадници на специјалните единици. На местото бил присутен и воден топ.

Протестите против владата на Рама траат со месеци, а незадоволството првично се засилило поради спорниот проект за изградба на туристички комплекс на албанското крајбрежје, поврзан со компанија основана од Џаред Кушнер, зет на американскиот претседател Доналд Трамп.

Подоцна, протестното движење се проширило и поради обвинувањата за корупција, состојбите во образованието и здравствениот систем, недостигот од работни места и ограничените можности за младите.

Од средината на октомври протестите се проследени со сè почести насилни инциденти. Во претходните судири беа оштетени и запалени јавни објекти, меѓу кои министерства и судници, како и продавници и банкарски филијали.

 

Албанскиот министер за внатрешни работи Ервин Демо претходно соопшти дека од почетокот на насилните судири биле повредени речиси 350 лица. Според неговите податоци, меѓу повредените има околу 200 полицајци, 100 демонстранти и 40 минувачи. Тој информираше и дека биле уапсени 269 малолетници.

Албанската влада најави и построги казни за учество во насилни протести, вклучително и парични казни што може да достигнат 5.500 евра.

И покрај најавените мерки, незадоволството продолжува да се изразува на улиците на Тирана, а новите судири покажуваат дека кризата околу владата на Еди Рама сè уште не стивнува.

Поврзани содржини