ЗАВРШЕНИ СЕ ОБДУКЦИИТЕ НА СИТЕ 69 ЖРТВИ Познат идентитетот на 36 жртви, Шпанија сè уште ги идентификува загинатите

Завршени се обдукциите на 69 жртви од тешката железничка несреќа во Шпанија. Досега се идентификувани 36 лица, а 27 семејства веќе се известени за трагичната загуба.

40

Форензичките тимови во Шпанија ги завршија обдукциите на сите 69 лица кои загинаа во тешката железничка несреќа во Урда, во покраината Толедо, додека досега е потврден идентитетот на 36 жртви.

Семејствата на загинатите се собраа во Толедо, каде што 27 семејства веќе биле известени дека нивните најблиски се меѓу идентификуваните жртви. Процесот, сепак, продолжува и останува исклучително сложен поради состојбата во која биле пронајдени дел од посмртните останки.






Претседателот на покраината Кастиља-Ла Манча, Емилијано Гарсија-Пејџ, претходно предупреди дека идентификацијата е сложена задача. Во мртовечниците биле донесени 68 тела, додека едно лице починало во болница. При извлекувањето на остатоците од вагоните биле пронајдени и 31 вреќа со делумни човечки останки, кои сè уште се предмет на форензичка обработка.

Идентификацијата на жртвите се спроведува според шпанскиот национален протокол за постапување при несреќи со голем број жртви. Во операцијата се вклучени правосудните органи, судски лекари, полицијата и Националниот институт за токсикологија и форензички науки.

Семејствата на исчезнатите најпрво биле собрани во Урда, а потоа биле пренесени во седиштето на Цивилната гарда во Толедо. Таму поднесувале пријави за исчезнати лица, доставувале информации за своите најблиски и давале ДНК-примероци.

Во идентификацијата се користат отпечатоци од прсти и ДНК-анализи, кои се споредуваат со медицинска документација и со генетски примероци доставени од членовите на семејствата. Во операцијата учествуваат повеќе од 60 експерти.

Од вкупно 72 пријави за исчезнати лица, пет лица биле пронајдени живи, поради што останале активни 67 пријави. Меѓу исчезнатите има и странски државјани, а 14 активни пријави се однесуваат на државјани на 10 земји, за чии идентификации се собираат ДНК-примероци и од нивни роднини во странство, со помош на „Интерпол“.

Во меѓувреме, во Кастиља-Ла Манча биле хоспитализирани 39 лица повредени во несреќата. Од нив, 17 се наоѓале на одделенијата за интензивна нега, а 22 биле сместени на други болнички одделенија.

Поврзани содржини