ВИКЕНДОТ ЌЕ ПОМИНЕ ВО ЗНАКОТ НА ДОЖДОТ Најобилни врнежи се очекуваат во недела и во понеделник

Облачно време со повремени врнежи ќе има во текот на целиот викенд и во понеделник. Во недела локално се очекуваат над 20, а во понеделник и над 30 литри дожд на квадратен метар.

80

Променливо облачно време со повремени врнежи од дожд нè очекува во следните денови. Дождот ќе биде поизразен попладне и во текот на ноќта, а во недела и понеделник на одделни места се очекуваат и пообилни врнежи. Температурите ќе се движат во релативно тесен распон, со највисоки дневни вредности до 16 степени.

Според прогнозата на метеоролозите, во сабота времето ќе биде облачно, со повремени локални врнежи од дожд со слаб до умерен интензитет. Повеќе дожд се очекува во попладневните часови и во текот на ноќта. Ќе дува слаб ветер од северен правец.






Минималните утрински температури ќе се движат од 4 степени во Маврово до 12 степени во Гевгелија, додека максималните дневни ќе бидат од 7 до 16 степени.

Во Скопје ќе преовладува претежно облачно време, со повремен дожд, особено попладне и во текот на ноќта. Ќе дува слаб северен ветер, а температурата ќе се движи од 9 до 14 степени.

Во недела времето ќе биде претежно облачно, со повремени врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни и ќе надминат 20 литри на квадратен метар. Ќе дува слаб до умерен ветер од североисточен правец.

Утринските температури ќе бидат во интервал од 5 до 10 степени, а дневните ќе достигнат од 11 до 16 степени.

Според прогнозата на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), и во понеделник ќе преовладува претежно облачно време со повремени врнежи од дожд. На одделни места се очекуваат пообилни врнежи, кои може да надминат 30 литри на квадратен метар.

Ќе дува слаб до умерен ветер од североисточен правец. Минималните температури ќе се движат од 4 до 10 степени, а максималните дневни од 10 до 16 степени.

Поврзани содржини