ДИГИТАЛНОТО ЛЕГИТИМИРАЊЕ ЌЕ ПОЧЕКА ДО ЕДНА ГОДИНА Потребно е да се сменат повеќе закони и да се набави опрема
Министерот за дигитална трансформација најави дека веќе се утврдува кои законски одредби треба да се променат за полицајците да можат да ги проверуваат личните карти и возачките дозволи од мобилен телефон. Во Полска поминале две години од воведувањето на дигиталниот паричник до моментот кога полицијата почнала да ги прифаќа електронските документи.
Најмалку шест месеци до една година ќе бидат потребни за спроведување на законските измени кои ќе им овозможат на полициските службеници при легитимирањето на граѓаните да ги прифатат дигиталните документи – лична карта и возачка дозвола.
Како што изјави денеска министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, во моментот се работи на мапирање на членовите и конкретните закони кои треба да се сменат, а МВР работи на обезбедување технолошки можности во новите автомобили што ги набавува, за полицајците да можат да ја вршат потоа својата работа.
– Ова е процес што мора да почне, а почнува од Министерството за дигитална трансформација со формирањето на дигиталниот паричник, кој е уреден во Законот за електронски документи, член 20 г, кој утврдува кој е начинот на верификација. Од ова, како и со целиот процес на дигитализација почнуваат промени во сите други институции. Ние веќе променивме 140 закони што се однесуваат на прифаќањето на електронски документи кои бараат фотокопипи од податоци. На истиот начин ќе пристапиме и на ова – рече Андоновски, одговорајќи на новинарски прашања по отворањето на Саемот „Енерго технома 2026“.
Според него, МВР е партнер во целиот процес од првиот ден.
– Министерството учествува затоа што од него ги влечеме податоците за личната карта и возачката дозвола. Потребни се одредени измени во подзаконските акти во МВР кои се однесуваат на изгледот и формата на личната карта и возачката дозвола и очекувам дека на таков начин, со промени и со технолошко зголемување на техничките можности, една по една институција ќе почнат да ги прифаќаат. Ова е пракса од цела Европа, на овој начин се развиваат дигиталните паричници. Така ќе биде и кај нас. Веќе разговараме со претставници од банкарскиот сектор кои велат дека и во нивната регулатива имаат забелешки што им бараат да чуваат фотокопија од лична карта при секое ажурирање на податоците. Таквите процеси во секој поединечен закон ќе треба да ги менуваме, но ова е постапка што ја почнавме и ќе одиме само напред – дециден е министерот.
Како што додаде, Полска ја воведе оваа алатка во 2019 година, но во 2021-ва полицијата почна да прифаќа електронски документи, издадени од Министерството за внатрешни работи.
– Оттука, очекувам дека нам ќе ни бидат потребни најмалку шест месеци до една година да ги завршиме неопходните измени, зашто во моментот работиме на мапирање – кои се тие членови и од кои конкретни закони што бараат промени. МВР, пак, работи на обезбедување технолошки можности во новите автомобили што ги набавува, уреди за и припадниците на МВР да можат да си ја завршат својата работа. Ќе почнеме и од приватниот сектор, од супермаркети, локали, барови, банки, осигурителни компании,…, ова е процес што ќе треба полека да влегува во секоја институција, не е само Министерството за внатрешни работи – објасни министерот Андоновски.