ПОТОНА ТРГОВСКИОТ БРОД ШТО БЕШЕ ПОГОДЕН ОД ДРОНОВИ ВО ЦРНОТО МОРЕ Превезувал литиум-јонски батерии, корозивни течности, киселини и индустриски компоненти
Екипажот го сочинуваа 14 филипински и четири украински морнари, кои по спасувањето беа префрлени во бугарското пристаниште Варна, соопшти компанијата „Контшипс менаџмент“.
Грчкиот контејнерски брод „Контшип Џет“ (Contship Jet) потона откако беше погоден од три поморски дронови во бугарската ексклузивна економска зона, а сите 18 членови на екипажот беа безбедно евакуирани, соопшти денеска бугарската влада.
Бродот под либериска знаме, кој превезувал 421 контејнер, беше тешко оштетен за време на пловидбата од израелска Хаифа кон романска Констанца. Нападот се случи надвор од бугарските територијални води, а засега не е познато кој стои зад него. Инцидентот дополнително ги зголеми грижите за последиците од руската војна против Украина врз комерцијалниот поморски сообраќај во областа.
Екипажот го сочинуваа 14 филипински и четири украински морнари, кои по спасувањето беа префрлени во бугарското пристаниште Варна, соопшти компанијата „Контшипс менаџмент“.
Ова е најнов во низата напади врз бродови во западниот дел на Црното Море месецов. Според изјавите на бугарските официјални лица, со поморски дронови овој месец биле нападнати најмалку шест бродови во близина на бугарскиот брег, а се стравува дека во тие инциденти загинале околу 20 морнари.
Бугарија, членка на Европската Унија и НАТО, побара помош за зајакнување на безбедноста на својот црноморски брег.
Командантот на бугарската морнарица, Кирил Михајлов, изјави за националната телевизија дека властите биле предупредени за можен напад по дојава од француски патролен авион, но не успеале да го спречат.
Според првичните прегледи извршени денеска, не се забележани видливи траги од загадување на морето од потонатиот брод. Меѓу товарот се наоѓале литиум-јонски батерии, корозивни течности, киселини и индустриски компоненти.