📽️ ПОЧИНА ИНФЛУЕНСЕРКАТА АНУК ДЕШАМП Младата Французинка се бореше со редок и агресивен вид рак

Француската инфлуенсерка Анук Дешамп почина на 21 година, една година по дијагнозата на редок и агресивен сарком на меките ткива.

73

Француската инфлуенсерка Анук Дешамп почина на 21-годишна возраст, една година откако ѝ бил дијагностициран редок и агресивен вид рак на меките ткива. Тажната вест беше објавена на нејзините профили на социјалните мрежи, со емотивна порака во која нејзините блиски се простија од младата девојка.

Според објавата, Анук починала мирно, опкружена со семејството и пријателите. Нејзините најблиски ја опишаа како ведра, амбициозна, грижлива и талентирана личност, која отсекогаш сакала да им помага на другите.






– Анук неизмерно сакаше да се грижи за другите. Секогаш беше тука за своите најблиски и знаеше да ги пронајде вистинските зборови, поради што и посакуваше да стане лекарка – се наведува во прошталната порака.

На Анук пред една година ѝ бил дијагностициран CIC-DUX4 сарком, редок вид рак на меките ткива кој може да биде многу агресивен. И покрај тешката дијагноза, таа се обидувала да остане позитивна и да не ја губи надежта во закрепнувањето.

Младата Французинка беше активна на социјалните мрежи, каде што споделуваше моменти од својот живот и комуницираше со луѓето што ја следеа. Преку своите објави создаде заедница на луѓе кои ѝ даваа поддршка во текот на болеста.

По веста за нејзината смрт, блиските им се заблагодарија на сите што биле покрај неа и ја поддржувале во најтешките моменти.

– Ви благодариме што ѝ дававте поддршка. Таа секогаш сакаше да споделува моменти од својот живот и да ги поврзува луѓето, а вие ѝ го овозможивте тоа. Сакаше да одговара на коментарите и да им даде можност на другите да ја споделат нејзината борба – се наведува во пораката.

Во завршницата од прошталната објава, нејзините блиски потсетија на важноста да се ценат малите радости и секој момент од животот.

– Денес Анук го пронајде својот мир и продолжува да живее преку нас. Уживајте во секој момент и во сите мали радости што ви ги носи животот – порачаа тие.

 

Поврзани содржини