ЗАВРШИ ИСТРАГАТА ЗА СМРТТА НА ХЕЈДЕН ПАНЕТИЕР Полицијата потврди што ѝ се случило на холивудската актерка
Иако полицијата го затвори случајот, не е познато дали американските федерални власти ќе продолжат со посебна истрага.
Полицијата во Гринвил, во американската сојузна држава Јужна Каролина, ја заврши истрагата за смртта на актерката Хејден Панетиер, која почина на 16 август, на 36-годишна возраст. Според официјалните наоди, актерката починала од токсичните ефекти на комбинација од повеќе супстанции, а нејзината смрт е класифицирана како несреќен случај.
Од полициската управа во Гринвил соопштија дека истрагата е завршена врз основа на наодите на судскиот лекар и резултатите од спроведените проверки. Претходно, канцеларијата на судскиот лекар во округот Гринвил утврди дека смртта настапила како последица на токсичните ефекти на фентанил, 4-АНПП, алпразолам, метокарбамол и кветиапин.
Обдукцијата не покажала знаци на физичка траума што би придонела за смртта на актерката. Панетиер била пронајдена без свест во стан во Гринвил на 16 август. Медицинските екипи се обидувале да ја реанимираат, но не успеале да ѝ го спасат животот.
На местото на настанот биле нејзиниот поранешен партнер Брајан Хикерсон и неговиот брат Зак, кои повикале итна медицинска помош откако ја пронашле актерката во тешка состојба. Според полицискиот извештај, Хикерсон им покажал на полицајците и кеса со лекови што таа ги земала.
Случајот привлече големо внимание и поради тоа што во истрагата се испитувале околностите под кои актерката можеби дошла до недозволени или фалсификувани лекови. Во истрагата помагала и американската Агенција за борба против дрогата (ДЕА). Засега, затворањето на полициската истрага не значи дека се завршени сите можни проверки од други надлежни институции.
Панетиер, позната по улогите во сериите „Херои“ и „Нешвил“, отворено зборуваше за своите долгогодишни проблеми со зависноста од алкохол и опиоиди. Во своите мемоари, објавени во 2026 година, таа пишуваше и за личните тешкотии низ кои минувала. Зад себе ја остави 11-годишната ќерка Каја, која ја има со поранешниот свршеник, украинскиот боксер Владимир Кличко.