МОЏТАБА ХАМНЕИ БАРА ИСПОЛНУВАЊЕ НА ИРАНСКИТЕ УСЛОВИ ЗА КРАЈ НА ВОЈНАТА Иран и натаму управува со Ормускиот Теснец

Иранскиот врховен лидер Сејед Моџтаба Хамнеи денеска се сретна со Мохсен Резаи, секретар на Врховниот совет за национална безбедност на Иран, а според иранските медиуми, Хамнеи порачал дека мора да бидат исполнети условите на Техеран за завршување на војната со САД.

117

Иранскиот врховен лидер Сејед Моџтаба Хамнеи денеска порача дека мора да бидат исполнети условите на Техеран за завршување на војната со САД, повикувајќи на заштита на националните интереси и на интересите на таканаречениот „фронт на отпорот“.

Тој се сретна со Мохсен Резаи, секретар на Врховниот совет за национална безбедност на Иран, соопштија иранските медиуми.






Хамнеи порача дека Иран продолжува да управува со Ормускиот Теснец и да се грижи за зачувување на националната и регионалната безбедност, националното единство и зајакнување на односите со соседите. Рече и дека е потребно да се зајакне националната кохезија и да се поттикне меѓусебната доверба меѓу народот и службениците, објави агенцијата Тасним.

– Очајот на непријателот е еден од плодовите на националниот отпор – рече Хамнеи.

Тој оцени дека навременото информирање на јавноста е неопходно за да се одржи учеството на народот во одбраната на земјата и политичкиот систем.

За време на средбата, Резаи го информира врховниот лидер за состојбата во земјата во различни области и за напорите што се преземаат за решавање на постојните проблеми.

Според соопштението од кабинетот на Хамнеи, на средбата се разговарало за безбедносната состојба во земјата и регионот, за односите со соседните држави и за стратешкиот Ормуски Теснец. Хамнеи ја нагласил потребата од зајакнување на регионалната безбедност преку управување со теснецот и развивање односи со соседите врз основа на заеднички интереси. Тој повикал и на исполнување на условите поставени од иранските власти за да се стави крај на војната и на состојбата што Техеран ја опишува како „ниту војна, ниту мир“.

Мохсен Резаи, од своја страна, го информирал врховниот лидер за состојбата во земјата и за активностите на Советот за национална безбедност.

Средбата се случува еден ден по разговорите во Техеран меѓу ирански претставници и делегации од Саудиска Арабија, Турција и од Пакистан, кои се обидуваат да придонесат за намалување на регионалните тензии и спречување на обновување на судирите.

Средбата се одржува во услови на продолжен конфликт меѓу Иран, од една, и САД и Израел, од друга страна, како и застој во дипломатските напори за постигнување траен договор. Ормускиот Теснец е една од клучните точки на судирот, бидејќи низ него минува значителен дел од светската трговија со нафта. Иран настојува да го задржи влијанието врз пловидбата низ теснецот, додека САД воведоа поморска блокада на иранските пристаништа.

Хамнеи не ги образложил детално условите што Техеран ги поставува за завршување на војната. Во денешното соопштение не се наведени конкретен датум или договорен механизам за прекин на конфликтот. Претходно, ирански претставници како можни услови ги споменуваа прекинот на војната на сите фронтови, ослободувањето на замрзнатите ирански париа и прекинувањето на поморската блокада на Иран, наметната од САД.

Моџтаба Хамнеи ја презеде функцијата врховен лидер на Иран во март, по смртта на неговиот татко Али Хамнеи, кој беше убиен во американско-израелски напад врз неговата резиденција во Техеран, на првиот ден од војната, 28 февруари. Оттогаш, тој не се појавил јавно, а неговите пораки главно се пренесуваат преку писмени соопштенија. Денешната средба со Резаи е уште еден од ретките јавно објавени контакти на Хамнеи со највисокото иранско раководство.

 

Поврзани содржини