МАЈКРОСОФТ НУДИ ОТПРЕМНИНИ ЗА 60.000 ВРАБОТЕНИ Компанијата ги намалува трошоците додека вложува милијарди долари во вештачката интелигенција
Ова е втор ваков доброволен пакет што Мајкрософт го нуди годинава. Пролетоска компанијата им понуди доброволно пензионирање на околу 8.750 вработени во САД, а околу 30 проценти од нив ја прифатија понудата.
Мајкрософт нуди програми за доброволно заминување со отпремнини за околу 60.000 вработени, што претставува приближно 27 проценти од нејзината глобална работна сила според последните објавени податоци. Сепак, тоа не значи дека толку луѓе ќе ја напуштат компанијата, туку дека имаат можност да ја прифатат понудата.
Технолошката компанија на овој начин настојува да ги контролира трошоците додека продолжува со огромните вложувања во вештачката интелигенција. За 2026 година таа предвидела капитални расходи од 175 милијарди долари, главно поврзани со инфраструктурата за ВИ, центрите за податоци и чиповите.
Понудата, објавена на 26 октомври, се однесува на вработени во САД, Канада, Велика Британија и Индија, во организациските единици што учествуваат во програмата. Меѓу нив се секторите за развој на решенија за вештачка интелигенција, платформата „Копилот“, финансиите, човечките ресурси, „Иксбокс“ и „Виндоус плус уреди“. Од програмата се изземени маркетингот, комерцијалниот сектор и безбедноста, а не учествуваат ниту некои инженерски групи и корпоративни оддели.
Право на понудата имаат вработени од различни хиерархиски нивоа, вклучувајќи и дел од високите раководители, до тнр. ниво 70 во интерниот систем на компанијата, вклучувајќи и дел од раководителите. Според објавените информации, нема услов за возраст или стаж, а работната успешност не е критериум за учество. Вработените треба да одлучат до првата недела на декември.
Надоместот е сличен на редовниот пакет при прекин на работниот однос и зависи од платата, стажот и нивото на работното место. Вклучува и одредени поволности, како здравствено осигурување за ограничен период и помош при преминување на ново работно место.
Ова е втор ваков доброволен пакет што Мајкрософт го нуди годинава. Во пролетта компанијата им понуди доброволно пензионирање на околу 8.750 вработени во САД, а околу 30 проценти од нив ја прифатија понудата. Во јули, пак, најави укинување на 4.800 работни места, во рамките на поширокото преструктурирање, кое особено го погоди одделот за видеоигри „Иксбокс“.