ШВАЈЦАРИЈА ГО ЗАБРАНУВА ОГНОМЕТОТ Граѓаните ќе одлучуваат на референдум на 29 ноември
Предлогот предвидува забрана за продажба и употреба на бучни огномети, додека потивки алтернативи, како што се прскалки и таканаречени вулкани што фрлаат искри, сè уште би биле дозволени.
Швајцарците на 29 ноември на референдум ќе одлучуваат за забрана на огнометот. Предлогот е инициран од организации за заштита на животните и животната средина, а според првите анкети, има голема поддршка од граѓаните. Вкупно 69% од испитаниците ја поддржуваат забраната, додека 29% се против неа.
Целта на иницијативата е да се заштитат животните и луѓето од бучава, загадување на воздухот, повреди и пожари предизвикани од пиротехнички средства.
„За домашните миленици, дивите и домашните животни, огнометот не е прослава, туку чист стрес“, соопшти швајцарската организација за заштита на животните Schweizer Tierschutz STS, која ја поддржува иницијативата.
Истражувањето спроведено за швајцарската јавна радио и телевизија покажа дека предлогот има мнозинска поддршка кај гласачите од различни политички убедувања. Особено го поддржуваат жените, меѓу кои 76% се за забраната, во споредба со 60% од мажите.
Забраната нема да ги опфати сите пиротехнички средства. Предлогот предвидува забрана за продажба и употреба на бучни огномети, додека потивки алтернативи, како што се прскалки и таканаречени вулкани што фрлаат искри, сè уште би биле дозволени.
Швајцарските кантони би можеле да одобрат исклучоци за големи јавни прослави, на пример на швајцарскиот национален празник 1 август. Но, поединците не треба да користат бучни огномети дури ни тогаш.
Во моментов, кантоните и општините можат самостојно да ја ограничат или забранат продажбата и употребата на пиротехнички средства. Новата иницијатива би вовела унифицирани правила на државно ниво.
Предлогот предизвика отпор од некои политичари и претставници на пиротехничката индустрија. Швајцарското здружение на пиротехничката индустрија тврди дека забраната би ја загрозила традицијата, додека противниците предупредуваат дека непотребно би ги ограничило личните слободи на граѓаните.
Швајцарската народна партија, Централната партија и Здружението на швајцарски занаетчии започнаа кампања против забраната. Тие предупредуваат на можни економски последици за претприемачите и ширењето на културата на забрани. Иницијативата беше покрената во 2023 година и собра повеќе од 137.000 потписи. Во Швајцарија, граѓаните можат да покренат иницијатива за референдум ако соберат најмалку 100.000 валидни потписи на гласачи.
Освен бучавата, проблем е и загадувањето. Според швајцарските власти, огнометите испуштаат помеѓу 200 и 400 тони фини честички во воздухот секоја година, што претставува околу 2 -3% од вкупните годишни емисии на такви честички во земјата.
Тие можат да содржат штетни метали и се особено опасни за луѓето кои веќе имаат здравствени проблеми. Огнометите, исто така, го зголемуваат ризикот од пожар, особено за време на топло и суво време.
Доколку Швајцарците ја поддржат забраната на референдум, Швајцарија ќе биде втора европска земја која ги забранила огнометите.
Холандија на 1 август годинава воведе национална забрана за потрошувачки огномет, со исклучоци за најслабите пиротехнички средства и одобрените организирани настани.