САУДИСКИ ПРИНЦ ГО РЕГРУТИРАЛ ИНЖЕНЕРОТ ДА ПРИСЛУШУВА ВО ОПЕН АИ? „Ни требаш повеќе отколку на САД“

Нови судски документи откриваат дека инженерот обвинет за поставување уред за прислушување во седиштето на Опен АИ одржувал редовни контакти со неименуван член на саудиското кралско семејство.

4

Член на саудиското кралско семејство се обидувал да го убеди инженерот на Опен АИ, кој беше уапсен поради сомневање дека поставил уред за прислушување во просторија за доверливи состаноци, да ја напушти американската компанија и да се вклучи во развојот на вештачката интелигенција во Саудиска Арабија.

Новите детали, откриени во судски документи, фрлаат дополнителна светлина врз контактите на осомничениот со саудиското кралско семејство.






Станува збор за 35-годишниот саудиски државјанин Абдулрахман Алфозан, кој беше уапсен на 9 октомври, а потоа отпуштен од Опен АИ.

Според американските обвинители, Алфозан во текот на 2025 и 2026 година често комуницирал преку WhatsApp со неименуван член на саудиското кралско семејство. Последниот забележан контакт бил на 5 октомври, само четири дена пред апсењето.

Во мај, членот на кралското семејство му испратил порака со која го повикал да ја напушти работата во САД.

„На Саудиска Арабија ѝ требаш повеќе отколку на САД!“, пишувало во пораката, според судските документи.

Алфозан одговорил со „100“, што обвинителите го толкуваат како целосно согласување со предлогот.

Според истрагата, саудискиот претставник повеќепати го прашувал кога планира да го напушти Опен АИ и да се приклучи на проект за развој на вештачката интелигенција во Саудиска Арабија.

Инженерот, пак, одговорил дека сака да почека додека не ги стекне правата на акциите што му биле доделени како дел од неговиот пакет за наградување.

Американските обвинители не го откриле идентитетот на членот на кралското семејство, ниту објасниле како се воспоставени контактите.

Во судските документи нема тврдење дека саудискиот претставник му наредил на Алфозан да поставува уреди за прислушување или да краде деловни информации од Опен АИ.

Саудиски претставник платил летови за семејството

Дополнително внимание предизвикале информациите за помошта што семејството на Алфозан ја добило од саудиски претставници по неговото апсење.

Според обвинителите, саудиската влада, а потоа и неименуван припадник на саудиската војска, организирале одделни авионски билети за сопругата и тримесечниот син на инженерот.

На 10 октомври тие отпатувале од Сан Франциско за Доха, Катар, во бизнис-класа, со билети платени од саудиски воен претставник.

Семејството првично планирало заедничко патување во Саудиска Арабија на 12 октомври, но Алфозан бил уапсен три дена претходно.

Обвинителството смета дека неговите врски со саудиските институции го зголемуваат ризикот од бегство, особено бидејќи САД немаат договор за екстрадиција со Саудиска Арабија.

Одбраната ги отфрла ваквите тврдења.

Адвокатот Вилијам Перник побарал Алфозан да биде ослободен со куќен притвор, електронско следење и кауција, наведувајќи дека неговиот клиент живее во САД веќе 15 години, има постојан престој и поднел барање за американско државјанство.

– Ако неговата намера била да избега, тогаш ќе го сторел тоа – изјавил Перник.

Одбраната тврди дека патувањето било планирано од семејни и имиграциски причини и дека саудискиот конзулат писмено потврдил оти нема да му издаде патни документи доколку биде ослободен.

Уред зад телевизорот и фотки од доверливи простории

Според обвинението, Алфозан на 28 септември поставил уред за снимање звук во USB-приклучок зад телевизор во конференциска сала на Опен АИ во Сан Франциско.

Просторијата се користела за доверливи состаноци на кои се разгледувале технолошки истражувања, деловни планови и стратешки одлуки.

Обвинителите наведуваат дека таму се одржувале и средби меѓу раководството на Опен АИ и претставници на американската влада.

Уредот бил откриен на 30 септември, по што компанијата поставила надзорна камера во просторијата.

Според истражителите, снимките го прикажуваат Алфозан како на 5 октомври ја проверува областа зад телевизорот. Истиот ден бил пронајден уште еден сличен уред во торба што ја оставил во просторија за печатачи.

На неговиот мобилен телефон биле откриени фотографии од електронските приклучоци на телевизори и друга опрема во повеќе простории на компанијата, направени меѓу 22 и 28 септември.

Истражителите пронашле и фотографии од најмалку уште еден скриен уред, како и избришана белешка со врски до различни уреди за снимање.

Во неговиот дом биле откриени електронски компоненти слични на оние од уредите пронајдени во канцелариите.

Плата од 385.000 долари и милионски акции

Алфозан се вработил во Опен АИ во јули 2025 година, со почетна годишна основна плата од 325.000 долари, која подоцна била зголемена на 385.000 долари.

Покрај платата, добил и пакет поврзан со учество во профитот на компанијата, првично проценет на 2,2 милиони долари.

Претходно работел во други големи технолошки компании, меѓу кои и Мета, а во 2025 година магистрирал на Универзитетот во Калифорнија, Беркли.

Обвинителите бараат да остане во притвор до судењето, оценувајќи дека неговото ослободување може да претставува ризик за националната безбедност на САД.

Алфозан е обвинет за неовластено следење или обид за следење усни комуникации. Доколку биде осуден, му се заканува затворска казна до пет години.

Рочиштето на кое судот треба да одлучи за неговото задржување во притвор е закажано за понеделник, 19 октомври.

Поврзани содржини