НИВНИТЕ СВЕДОЧЕЊА НЕ НАОЃААТ ПОТКРЕПА ВО ОСТАНАТИТЕ ДОКАЗИ Обвинителката Хаџи-Василева за исказите на родителите на обвинетиот судија Ристов

Тоа се родители. Таму маргината на веродостојност и емоции е јасна – станува збор за родители и дете - рече Хаџи Василева.

1,259

Обвинителката Искра Хаџи Василева по денешното рочиште во судскиот процес против апелацискиот судија Ѓоко Ристов изјави дека сведочењата на неговите родители не се поткрепени со останатите материјални и други обезбедени докази.

Одговарајќи на новинарско прашање за сведочењето на родителите на Ристов, Хаџи Василева рече дека Обвинителството немало причина да ги предложи како сведоци.






– Обвинителството со овие сведоци воопшто немаше поента и токму затоа не ги предложи, одговори таа.

Според неа, родителите сведочеле за одредени настани и факти, но тие, како што посочи, не наоѓаат поткрепа во останатите материјални и други обезбедени докази.

– Но, повторувам, тоа се родители. Таму маргината на веродостојност и емоции е јасна – станува збор за родители и дете, рече Хаџи Василева.

Во однос на последниот сведок, вработен во МВР – Неготино, обвинителката оцени дека за Обвинителството е изненадување што одбраната го предложила токму него.

– Тоа е полициски службеник кој постапувал единствено како кримтехничар. Забележливо е што одбраната воопшто не ги побара да сведочат оние полициски службеници кои раководеле со претресот и кои го изготвиле она што е суштина на материјалот од тоа дејствие. Нив одбраната не ги предложи, го предложи овој сведок – рече Хаџи Василева.

Таа додаде дека сведокот објаснил сè што знаел, видел и на што бил сведок при увидот во просторијата, но оти Обвинителството не слушнало релевантен доказен капацитет со кој би се побила обвинителната теза или би се докажало нешто во прилог на одбраната.

Спротивно на оценката на Обвинителството, адвокатот Ѕвонко Давидовиќ рече дека сведочењето на кримтехничарот отвора прашања околу начинот на кој бил извршен претресот.

– Крим-техничарот кажа дека заштитна опрема не носеле, дека не се земени брисеви и траги како контролно обезбедување за контаминација на трагите. На 29.12., Ѓоко Ристов бил присутен и помагал при тогашниот претрес и оставил ДНК-траги, па нашите вештаци ќе ви објаснат зошто нема едни траги, зошто има други траги и како е вештачено, истакна Давидовиќ.

Адвокатот најави дека одбраната преку своите вештаци ќе ги образложи и наодите поврзани со преместувањето на парите.

– Имало три преместувања на парите и тоа нашиот вештак ќе го објасни, поткрепено со фотографии токму на Обвинителството – рече Давидовиќ.

Тој најави и дека финансискиот технички советник на одбраната ќе го образложи потеклото на парите и начинот на кој, како што рече, родителите на Ѓоко Ристов ги заработиле.

– Ние ги изведуваме доказите во континуитет за да можете да сфатите што се случувало и зошто е ваква ситуацијата – изјави Давидовиќ.

Поврзани содржини