ПРИТВОР И КУЌЕН ПРИТВОР ЗА ДВЕ ШЕФИЦИ ОД ЛОТАРИЈА Осомничени за проневера на 1,3 милиони евра
Директорката на Секторот за финансии и сметководство и шефицата на финансиски работи се сомничат дека во текот на 2024 година не уплатиле 46 милиони денари дневен промет, а дополнително подигнале уште 33,9 милиони денари од сметките на Државна лотарија.
Притвор и куќен притвор им определи судија на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје на двете финансиски раководителки во АД „Државна лотарија“, осомничени дека заедно проневериле речиси 80 милиони денари, односно околу 1,3 милиони евра.
Основното јавно обвинителство Скопје ги сомничи двете осомничени за кривично дело „проневера во службата“, односно дека во текот на 2024 година не го уплатиле целокупниот дневен промет од продажните места на Државна лотарија, туку парите ги присвоиле за себе.
Првоосомничената била директорка на Секторот за финансии и сметководство, додека второосомничената била шеф на финансиски работи во АД за приредување игри на среќа „Државна лотарија“. Според Обвинителството, користејќи ги своите овластувања и должности, двете заедно учествувале во извршувањето на делото со намера да прибават противправна имотна корист.
Според кривичната пријава на Управата за финансиска полиција, двете во текот на 2024 година не го уплатиле на сметките на Државна лотарија целиот дневен промет од сопствените продажни места во износ од 46.038.720 денари.
Дополнително, од банкарските сметки на друштвото биле подигнати уште 33.950.724 денари, кои, според сомнежите, исто така биле присвоени.
Вкупниот износ за кој постои сомнение дека бил противправно присвоен достигнува 79.989.444 денари, односно околу 1,3 милиони евра, со што, според Финансиската полиција, на Државна лотарија ѝ била причинета штета од речиси 80 милиони денари.
Двете службенички, според пријавата, биле овластени за подигнување готовински средства наменети за исплата на мали добивки, но и задолжени за прием и уплата на дневниот промет остварен од сопствените продажни места на друштвото.
Наместо целокупниот дневен промет да го уплатат и депонираат на трансакциските сметки на Државна лотарија во деловните банки, тие, според сомнежите на надлежните, дел од средствата ги задржувале и ги присвојувале.
Финансиската полиција сомничи дека за да се прикрие недостигот, бил преземен и дополнителен сет активности во деловните и сметководствените евиденции.
Според кривичната пријава, биле префрлани средства меѓу различни банкарски сметки на Државна лотарија, биле креирани налози и реализирани уплати и исплати со кои лажно биле прикажувани финансиски трансакции.
Дополнително, според надлежните, биле изготвувани и користени невистинити финансиски и сметководствени документи, биле евидентирани фиктивни касовни исплати, а спорните средства биле раскнижувани на различни сметководствени конта.
На тој начин, според сомнежите, недостигот на пари бил прикриван во деловните книги.
Во рамки на истрагата биле извршени и претреси, при што биле пронајдени злато и златен накит, предмети од „Сваровски“, скапи часовници, како и брендирани чанти од „Хермес“, „Луј Витон“ и „Диор“.
Управата за финансиска полиција поднела кривична пријава до Основното јавно обвинителство Скопје против А.Н., директорка на Секторот за финансии и сметководство во Државна лотарија, и Д.Д., шеф на финансиски работи, поради сомнение за „проневера во службата“ и „фалсификување или уништување деловни книги“.
Обвинителството ги товари за кривично дело „проневера во службата“ од член 354 став 5 во врска со став 3 и став 1 од Кривичниот законик.
По предлог на Обвинителството, судија на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје им определи мерки притвор и куќен притвор.