🎥 СЕ СПЛЕСКАА ПРВИТЕ ТРИ КАТА НА СЕДУМКАТНИЦА ВО ИСТАНБУЛ!? Горните катови останале нечепнати, се извлекуваат заробени под урнатините

235

Првите три ката од седумкатница колабираа утрово во населбата Малтепе, во азискиот дел на Истанбул, при што горните катови останаа релативно целосни. Спасувачите досега извлекоа шест луѓе, а по уште три се трага. Со четворица од лицата кои се смета дека останале под урнатините спасувачите успеале да воспостават контакт – соопшти гувернерот на Истанбул Давут Ѓул. 

Несреќата се случила околу 5:40 часот во четвртокот изутрината на улицата „Догу“ во населбата Чевизли, во општината Малтепе. Од засега неутврдени причини се урнале првите три нивоа од седумкатната зграда, додека горните катови останале да стојат, но постои опасност од дополнително уривање. На местото веднаш биле испратени пожарникари, полиција, спасувачи екипи и медицински тимови.






Спасувачите прво ги евакуирале станарите од горните катови, а потоа започнале потрага по луѓето за кои се претпоставува дека останале под урнатините. Текстилната работилница на приземјето во моментот на уривањето била празна. Во потрагата се користат и кучиња трагачи.

Според гувернерот Ѓул, зградата била изградена во 1987 година. Има приземје со деловен простор и шест станбени ката со вкупно 12 станови. Според официјалните податоци, во целата зграда биле пријавени 33 жители. Од уривањето биле погодени четири станови, во кои биле пријавени 14 лица, но две од нив во моментот не се наоѓале во Истанбул.

Во меѓувреме, Анадолското републичко обвинителство во Истанбул отворило истрага за уривањето. Ќе се утврдуваат причините за несреќата и евентуалната одговорност поврзана со изградбата и подоцнежните интервенции на објектот.

Истрагата ги проверува информациите дека зградата можеби била надградувана спротивно на одобрениот проект. Градоначалничката на Малтепе, Есин Којмен, изјавила дека на објектот биле додадени нелегални катови. Во дел од турските извештаи се наведуваат два, а во други три дополнителни ката, па точниот број засега не е усогласен во официјалните информации.

Спасувачката акција продолжува и во неа учествуваат голем број припадници на службите. Противпожарната служба ангажирала 175 лица со 56 возила и кучиња трагачи, додека Управата за справување со катастрофи и вонредни состојби (АФАД) работи на терен со 25 лица, пет возила и две кучиња трагачи.

Станарите кои се евакуирани од непогодените делови на зградата ќе бидат сместени во хотел. Повредените се згрижени и пренесени во блиските болници. За време на интервенцијата на еден пожарникар му се слошило, по што и тој бил пренесен во болница. Според локалните власти, меѓу спасените нема лица со животозагрозувачки повреди.

Поврзани содржини