ИРАН ГИ ГАЃА ТАНКЕРИТЕ И НАДВОР ОД ОРМУСКИОТ ТЕСНЕЦ? Новата опасна фаза на битката за нафтениот коридор

Нафтата сè почесто се претоварува од еден танкер на друг надвор од самиот теснец, особено во Оманскиот Залив. Танкери влегуваат во Персискиот Залив, ја преземаат нафтата на пристаништата, минуваат низ Ормус, а потоа ја префрлаат на поголеми танкери кои чекаат надвор од теснецот.

349

Последните денови се регистрира најинтензивниот бран напади врз танкери во Ормускиот Теснец од почетокот на војната меѓу Иран, САД и Израел. Според извори на „Ројтерс“, меѓу 28 септември и 5 октомври биле забележани најмалку 12 напади, обиди за напади или сериозни инциденти со танкери, вклучително и напади со проектили, прелетување дронови и агресивни предупредувања од Иранската револуционерна гарда. Меѓународната поморска организација потврди 9 од овие инциденти.

Особено внимание предизвикува најновиот напад во близина на катарскиот брег, кога танкер е погоден со повеќе проектили, а има и повредени лица. Инцидентот се случи во време кога Иран најави дека ќе ги затвори алтернативните поморски рути кои се користат за заобиколување на неговата контрола врз Ормускиот Теснец. Техеран тврди дека дел од тие рути се користат за нелегално пренесување нафта.






Нафтата сè почесто се претоварува од еден танкер на друг надвор од самиот теснец, особено во Оманскиот Залив. Танкери влегуваат во Персискиот Залив, ја преземаат нафтата на пристаништата, минуваат низ Ормус, а потоа ја префрлаат на поголеми танкери кои чекаат надвор од теснецот, во Оманскиот Залив. Според Вол стрит џурнал, токму овие шатл-танкери станале сè почести, но сега и тие се изложени на ризик бидејќи Иран очигледно се обидува да го прошири притисокот надвор од традиционалниот поморски коридор.

Паралелно со тоа, цената на ризикот за екипажите буквално експлодирала. Според Фајненшл тајмс, капетаните на танкерите сега добиваат и до 100.000 долари месечно, плус бонус од околу 50.000 долари за секое поминување низ Ормускиот Теснец. Обичните морнари, чии редовни плати можат да бидат околу 1.500 долари месечно, добиваат повеќекратно зголемени надоместоци за ваквите пловидби. Вол стрит џурнал известува и за бонуси до 25.000 долари по патување за морнари на особено ризичните рути.

И тоа покажува колку драматично се променил поморскиот сообраќај. Бродовите често пловат ноќе и со исклучени системи за GPS, а дел од компаниите ризикуваат затоа што алтернативите се многу поскапи или немаат доволен капацитет. Во исто време, транзитот низ Ормус падна на најниско ниво во последните месеци: на 6 октомври низ коридорот поминале само седум товарни бродови, додека протокот на сурова нафта паднал на околу 10,1 милион барели дневно, односно околу 74 отсто од предвоеното ниво.

Техеран се обидува да покаже дека може да го контролира и санкционира секој поморски тек кој го смета за дел од заобиколувањето на неговата блокада. Истовремено, земјите од Заливот се обидуваат да го извлечат извозот преку алтернативни рути и претовар на море.

Најопасниот развој би бил доколку нападите систематски се префрлат од самиот Ормус кон пошироките води на Оманскиот Залив и околу Катар и Оман.

Засега нафтата сè уште се извезува, но со сè помал број бродови, огромни премии за ризик и драматично повисоки трошоци. Брентот денеска повторно се искачи над 100 долари за барел, токму поради стравувањата дека нападите ќе го намалат понатамошниот извоз.

САД ТВРДАТ ДЕКА БРОДОВИ СО НАФТА СЛОБОДНО МИНУВААТ НИЗ ОРМУСКИОТ ПРОТОК Иран го тврди спротивното

Поврзани содржини