ВЛАДАТА УСВОИ ИЗМЕНИ НА БУЏЕТОТ ПО НАМАЛЕНИТЕ ДАВАЧКИ ЗА ГОРИВА Дефицитот останува ист, се приспособуваат приходите и расходите
Измените се прават поради фискалниот ефект од намалените акциза и ДДВ за горивата. Владата соопшти дека буџетскиот дефицит останува на непроменето ниво.
Владата соопшт дека денеска го усвоила Предлогот за измени и дополнувања на Буџетот за 2026 година, со кој приходите и расходите се приспособуваат по мерките за намалување на акцизата и ДДВ-то за горивата.
Со измените вкупните приходи се проектираат на 374,2 милијарди денари, а расходите на 420,5 милијарди денари.
Разликата меѓу проектираните приходи и расходи изнесува 46,3 милијарди денари.
Од Владата нагласуваат дека буџетскиот дефицит, сепак, се задржува на непроменето ниво.
„Со предложените измени се врши приспособување на приходната и расходната страна на Буџетот, како резултат на фискалното влијание од мерките што ги презеде Владата за поддршка на граѓаните и бизнисот, преку намалувањето на акцизата и ДДВ-то кај горивата“, соопшти Владата.
Оттаму велат дека измените треба да овозможат одржување на стабилноста на јавните финансии.
„Целта на предложените измени е да се одржи стабилноста на јавните финансии, да се обезбеди непречено и редовно функционирање на институциите“, се наведува во соопштението.
Предвидено е и продолжување на реализацијата на владините програми и навремено сервисирање на обврските.
Предлогот сега оди во Собранието, каде што треба да биде разгледан и усвоен.