ПО 11 ГОДИНИ ОХРИД ЌЕ ДОБИЕ ЗАТВОРЕН БАЗЕН Владата обезбеди 470 милиони денари за довршување на проектот
Проектот започна уште во 2015 година, но со години остана незавршен поради технички, финансиски и административни пречки. По ревизијата е изменет основниот проект, со што се отвора патот градежните работи да продолжат.
Изградбата на затворениот базен во Охрид ќе продолжи по речиси 11 години од почетокот на проектот, откако Владата на денешната седница ја усвои точката со која се овозможува негово довршување. За целосно завршување на објектот се обезбедени 470 милиони денари.
Капиталниот спортски проект започна во 2015 година, но остана незавршен, а Министерството за спорт по преземањето на надлежностите извршило анализа и ревизија на неговата состојба.
Според Министерството, биле утврдувани техничките, финансиските и административните пречки поради кои изградбата со години не можела да биде завршена.
„Како резултат на спроведената ревизија, Министерството презеде конкретни чекори за надминување на затекнатите проблеми, меѓу кои и неопходната измена на основниот проект, со што се создаваат услови изградбата конечно да продолжи“, соопшти Владата.
Од Министерството за спорт наведуваат дека довршувањето на базенот треба да обезбеди современи услови за тренинг на спортистите, но и простор за развој на младите пливачки категории и организирање натпревари.
Со обезбедените 470 милиони денари треба целосно да биде довршен објектот чија изградба започна во 2015 година.