ВО МАКЕДОНИЈА НЕМАЛО НЕСАКАНИ ЕФЕКТИ ОД ВАКЦИНАТА БСЖ Во тек е набавка на вакцини за БСЖ од Јапонија
Прекинот на вакцинацијата со БСЖ ќе трае неколку дена, додека не се потврди причинско-последична врска дека навистина после нејзино примање се јавува несаканата состојба остеомиелитис.
Во Македонија нема документирани несакани ефекти поврзани со примена на сериите на вакцините за БСЖ, изјави денеска министерот за здравство Сашо Клековски.
– Во нашата држава нема документирани несакани ефекти поврзани со примена на овие серии. Министерството, заедно со надлежните институции, спроведува дополнителни анализи, а јавноста ќе биде навремено информирана за нивните резултати. Министерството за здравство ќе обезбеди непрекинато продолжување на вакцинацијата со БСЖ вакцина, во соработка со УНИЦЕФ. Ги повикуваме родителите да продолжат со редовна вакцинација на децата според Календарот за имунизација. Вакцинацијата останува најсигурната заштита за здравјето на нашите деца – потенцираше министерот Клековски.
За да се обезбеди континуитет на оваа важна вакцина, денеска е постигната согласност со УНИЦЕФ за обезбедување на едногодишни количини од јапонски производител, што значи во тек е набавка на вакцини од Јапонија.
– Ги има во депо и ќе организираме што поскоро да бидат транспортирани во Македонија за да обезбедиме континуитет на вакцинацијата со оваа вакцина кај новородените деца. Кај нас е праксата таа вакцинација да се прави при исписот од родилиштето, меѓутоа во основа таа може да се направи и подоцна, така што нема да има несакани ефекти од одложување на вакцинацијата со БСЖ. Треба да се заблагодарам многу на Комисијата за имунизација дека со брза реакција и во разговор со УНИЦЕФ се обезбедува да продолжиме со вакцинација, а родителите да немаат сомнеж дека можеби се употребуваат вакцини кои предизвикуваат несакани дејства. Таа една година ќе биде доволно за да има евиденција и од Хрватска и од Македонија дали тие несакани дејства може да се поврзат со вакцината од Бугарија или не, и да видиме следната година како ќе ги поставиме работите – истакна Клековски.
Претседателот на Комисијата за имунизација, проф. Александра Грозданова истакна дека Хрватската агенција за лекови и медицински производи (ХАЛМЕД) излегла со ново соопштение, сè уште потврдувајќи дека нема директна асоцираност меѓу вакцинацијата и појавата на остеомиелитис.
Таа потенцира дека и тие истражуваат и исто како и ние, овие мерки превентивно ги применуваат.
– Кај нас во последните две години има околу 16.000-17.000 живородени деца. Во принцип треба таа вакцина да се прими веднаш по пуштањето од родилиштето, би очекувале дека до 15.000 деца годишно ја имаат примено оваа вакцина. Во соработка со Агенцијата за лекови и медицински средства на Македонија (МАЛМЕД) се истражуваат сериите кои се активни кај нас, кои сега ги користиме, односно се користеле до вчера, и немаме пријавено несакани реакции. Во однос на клиничкиот тек, остеомиелитисот може да се јави и од други состојби, далеку дека е само вакцинацијата, и може да се јави и неколку недели по примање на вакцината до неколку години. Значи, временскиот период на асоцираност е многу долг за да може да кажеме. Будно се следи секоја од несаканите реакции која ќе биде пријавена – рече д-р Грозданова.
Одговарајќи на новинарско прашање таа рече дека во моментот времено е прекината вакцинацијата со БСЖ вакцината, исто како што е во Хрватска, додека не потврдат каузалност, тоа значи причинско-последична врска дека навистина после примање на вакцината се јавува таа несакана состојба, во овој случај остеомиелитисот.
– Следната недела, по добивање на информациите за сериите, по добивање и разговор со педијатрите дали некоја од овие состојби е пријавена кај децата, ќе донесеме препораки соодветно. Нема да ги оставиме децата да бидат невакцинирани и затоа овој чекор со УНИЦЕФ, кој ни дава комоција дека и натаму ќе имаме континуирано снабдување и вакцинирање – рече д-р Грозданова.
Таа појасни дека Македонија влегува во високоризичните земји во однос на туберкулозата.
На прашање што со децата кои сега треба да примаат вакцина, земајќи го предвид одложувањето од страна на некои од родителите, и каде таа вакцина ќе треба подоцна да се прими ако не е во родилиште, Клековски одговори дека станува збор за прекин од седум до 10 дена, дека не зборува за прекин што со месеци ќе трае.
– Штом биде достапна вакцината во Македонија, ние ќе дадеме натамошни упатства за начинот на дистрибуција и за вакцинација. Во моментот дадовме налог да се пребараат сите случаи наназад четири години, да се побараат и нерегистрираните случаи на остеомиелитис за да се види дали го има, за кој нема сомнеж дека е поради несакано дејство. Значи ги истражуваме тие надвор од тоа што имаме пријавено во минатиот период, за да видиме дали, ако има кај нас случаи, дали можеме да ги поврземе со употребата на таа вакцина или не. Анализата на случаите нема да ја врши само МАЛМЕД, туку ќе ја вршиме и ние како Министерство, бидејќи сакаме да се опфатат сите елементи – додаде Клековски.