📽️ ДОДЕКА Ф1 ТИМОВИТЕ ЛЕТААТ, БОТАС ВОЗИ ВЕЛОСИПЕД Финецот ќе мине 350 километри од Малезија кон Сингапур
Додека Формула 1 тимовите се подготвуваат за следната трка, Валтери Ботас избра необичен начин на патување – околу 350 километри со велосипед од Сепанг до Сингапур, по споредни и макадамски патишта.
Возачот на Ф1 тимот „Кадилак“, Валтери Ботас, паузата меѓу двете трки реши да ја искористи на несекојдневен и екстремен начин – со велосипед да помине околу 350 километри од Сепанг во Малезија до Сингапур.
Додека останатите возачи и тимови се подготвуваа за рутинското патување кон следната дестинација, искусниот Финец избра сосема поинаков начин на транспорт. Ботас се упати кон Сингапур по споредни и тешко проодни патишта, претворајќи ја паузата меѓу трките во вистински физички предизвик.
За својот необичен потфат Ботас се огласи и на социјалните мрежи, каде што ги потврди намерите за оваа напорна авантура.
View this post on Instagram
– Да, возам велосипед до Сингапур… по макадамски патишта по кои поретко се оди – напиша Ботас.
Потфатот доаѓа во момент кога Финецот минува низ една од најтешките сезони во својата кариера. Ботас сè уште нема освоено ниту еден бод во актуелниот шампионат, а негов најдобар резултат досега е 13. место на Големата награда на Кина, која се возеше во март.
Неговата лоша форма кулминираше на последната трка, на која остана без пласман откако направи ризичен избор и стави пневматици за суво време иако патеката била влажна. Тоа беше негово осмо откажување сезонава.
View this post on Instagram
И покрај проблемите на патеката, Ботас останува едно од најпрепознатливите имиња во Формула 1.
Во „најбрзиот циркус“ дебитираше во 2013 година, а во богатата кариера досега има остварено 10 победи и дури 67 пласмани на подиумот.
Сега, наместо дополнителни часови во авион или автомобил, Ботас реши паузата меѓу две трки да ја помине на две тркала – со околу 350 километри возење од Малезија до Сингапур.