КЛЕКОВСКИ СЕКОЈ ДЕН МЕРИ ПРИТИСОК И ТЕЖИНА, ЗОШТО НЕ И НИЕ? Министерот советува терапијата да се пие редовно, а не само кога ни е лошо
Министерот Клековски сака да ја обнови расправата за воведување на достапноста на мерењето притисок и шеќер и во аптеките, предлог кој стои повеќе од две години заборавен.
Од болести на кардиоваскуларниот систем во Македонија минатата година починале 6.888 лица, со стапка на смртност од 378,4 на 1.000 жители. Овие заболувања учествуваат со 34 отсто од вкупниот морталитет и се на прво место меѓу причините за смртност, изјави денеска директорката на Институтот за јавно здравје, Марија Андоновска.
Денеска се одбележува Светскиот ден на срцето, а ИЈЗ спроведе бесплатни прегледи за населението (кои опфаќаат совети од стручни лица, мерење притисок, шеќер, висина, тежина), со цел подигнување на свеста за кардиоваскуларните заболувања.
Пунктот за бесплатни прегледи го посети министерот за здравство Сашо Клековски.
– Нашиот фокус треба да бидат кардиоваскуларните заболувања бидејќи тие се еден од главните контрибутори за предвремена смртност на луѓе на возраст меѓу 30. и 70. година кога очекуваниот животен век е 75 години. И тоа што е многу важно, сите овие работи може да се превенираат и рано да се откријат со едноставни работи. На пример, мерењето притисок, тоа е едноставна работа, само треба да ја практикуваме бидејќи високиот крвен притисок е еден од најтивките убијци, условно да кажам, кој влијае и на срцевото здравје, и на бубрежното здравје, и на мозочното здравје. Заедно со нерегулираниот дијабетес стануваат главни контрибутори во срцеви, мозочни и бубрежни заболувања – рече Клековски.
Тој упати апел до луѓето секој ден да мерат притисок.
– Јас ги мерам мојот притисок и мојата тежина секој ден наутро за да знам дали осцилира. Сѐ што е повеќе од 120 со 80 притисок треба да го регулирате. Ако долниот притисок е над 90, задолжително пијте терапија. Терапијата не треба да се користи само ако не се чувствувате добро, таа мора редовно да се користи – додаде Клековски.
Во аптеките да се мери притисок и шеќер
Тој смета дека систематските прегледи, кои го опфаќаат работоспособното население, се одлична идеја, но дека имаат многу формална имплементација, вклучувајќи и неследење на резултатите од нив.
Министерот најави дека во претстојната измена на Законот за медицинските евиденции ќе се види како тие резултати да бидат интегрирани во досието на секој пациент и дали може да се додадат евтини, пристапни процедури, кои може да помогнат во раното откривање одредени состојби.
Тој сака да ја обнови расправата за воведување на достапноста на мерењето притисок и шеќер и во аптеките, предлог кој стои повеќе од две години заборавен.
– Мојата цел е секаде каде што има едуциран здравствен работник, без разлика дали е медицинска сестра, доктор, фармацевт, да се даде можност да се прават едноставните контроли. Зборуваме за мерење притисок, гликемија, кои можеме и самите да ги направиме. Ако има доктор – доктор, ако има сестра – сестра, ако има фармацевт – фармацевт. Значи, има законска можност, треба да се регулираат условите и стандардите на тоа правење. И ова не е ништо страшно бидејќи некои од овие тестирања се и самотестирања. Тенденцијата на фармацевтската индустрија ќе биде сѐ повеќе да има самотестирања поради недостигот на здравствени капацитети – рече Клековски и го наведе примерот за Жировница, каде има аптека, а нема лекар.
Каква е статистиката во ЕУ?
Околу 1,6 милиони луѓе во ЕУ умираат годишно од болести на срцето и циркулаторниот систем, што претставува 32,5 % од сите смртни случаи. Овие болести ги вклучуваат исхемичната срцева болест, хипертензивните и цереброваскуларните болести.
Податоците на Евростат покажуваат дека од 244 региони во ЕУ, 108 пријавиле стапки на смртност еднакви или повисоки од просекот на ЕУ – 313 смртни случаи на 100.000 жители.
Најголема смртност е забележана во Бугарија – околу 67 % и во Романија – меѓу 53 % и 63 % (зависно од регионот). Следуваат Литванија со 53,7 %, Летонија со 52,2 % и Унгарија и Словачка со по околу 50 %.
Најмала смртност од болести на срцето и циркулаторниот систем е забележана во Франција – помалку од 20 %.
Ниски вредности, не повисоки од 22,4 %, се забележани во Данска и во Холандија.