НЕ СМЕЕ ДА СЕ ДОЗВОЛИ ДА ПРЕМИНЕМЕ ВО ВИСОКОЗАДОЛЖЕНА ЗЕМЈА Академик Фити предупредува дека проблем се и одливот на мозоци, демографската криза и слабото владение на правото
Осврнувајќи се на глобалните економски текови, академикот посочи дека растот на цените на енергенсите и можните нови нафтени шокови претставуваат ризик за појава на стагфлација, односно комбинација од забавен економски раст, повисока инфлација и зголемена невработеност.
Македонската економија се соочува со сериозни предизвици поврзани со јавниот долг, енергетската зависност, демографските трендови, одливот на високообразован кадар и слабостите во владеењето на правото, оцени академик Таки Фити на промоцијата на неговата книга „Неолибералната економска филозофија“.
Фити предупреди дека земјата треба да биде исклучително внимателна со идните задолжувања, нагласувајќи дека нивото на јавниот долг е блиску до границата што ја одвојува умерената од високата задолженост.
– Со 60% долг веќе сме на таа граница кон високо задолжени земји, ако се имаат предвид големината на економијата, извозната моќ и извозните приходи неопходни за сервисирање на долговите – истакна Фити.
Според него, задолжувањето е оправдано кога средствата се насочуваат кон продуктивни инвестиции како инфраструктура, железнички коридори, технолошки развој и нови економски активности, но предупреди дека непродуктивните трошоци не создаваат основа за враќање на долговите во иднина.
Осврнувајќи се на глобалните економски текови, академикот посочи дека растот на цените на енергенсите и можните нови нафтени шокови претставуваат ризик за појава на стагфлација, односно комбинација од забавен економски раст, повисока инфлација и зголемена невработеност. Македонија, како увозно зависна земја која не произведува нафта, е особено ранлива на такви надворешни притисоци.
Дополнителен предизвик, според Фити, е демографската состојба. Тој истакна дека проекциите покажуваат континуирано намалување на населението, што директно влијае врз расположливата работна сила и долгорочниот економски раст.
– Во најдобра варијанта ќе паднеме на околу 1,4 милиони жители. Тоа значи губење на значаен дел од работната сила, што има силни негативни импликации врз економскиот раст – нагласи академик Фити.
Посебно загрижувачки, додаде, е одливот на високообразувани кадри, нагласувајќи дека Македонија се вбројува меѓу земјите со најизразен „одлив на мозоци“. Како клучно решение го посочи создавањето подобри услови за живот преку решителна борба против корупцијата и доследно спроведување на владеењето на правото.
Говорејќи за својата најнова книга „Неолибералната економска филозофија“, Фити објасни дека делото е посветено на развојот и основните карактеристики на неолибералните економски модели, односно современите капиталистички пазарни економии.
Во книгата е обработена еволуцијата на либерализмот и неолиберализмот, особено по Втората светска војна, како и причините за кризата во која овие модели влегоа од 1980-тите години наваму. Според авторот, процесите на приватизација, дерегулација, глобализација и силната ориентација кон профит довеле до сериозни деформации, меѓу кои неправедната распределба на доходот и занемарувањето на еколошката одржливост.
Посебно поглавје е посветено на Македонија, каде што се прави споредба меѓу домашниот економски модел и моделите на високоразвиените пазарни економии. Фити ги издвојува корупцијата, слабата иновативна способност, недоволното владеење на правото и еколошката неодржливост како клучни точки во кои македонскиот модел значително отстапува од развиените земји.
Покрај анализа на проблемите, книгата содржи и предлози за мерки и политики насочени кон нивно надминување, со посебен акцент на институционалните реформи и јакнењето на правната држава.
На промоцијата на книгата присуствуваа универзитетски професори, академици, економисти, претставници на банкарскиот сектор, бизнис-заедницата и институциите.