СТУДЕНТИТЕ НА ЕКОНОМСКИ ДОБИЈА НОВ ПРОСТОР ЗА УЧЕЊЕ Халкбанк со донација од 30.000 евра ја реновираше „Халк читалната“

Директорот на Халкбанк, д-р Фатих Шахбаз, посочи дека поддршката за Економскиот факултет е дел од пошироката определба на банката за вложување во младите и нивниот професионален развој.

3

Со цел создавање уште подобри услови за учење, истражување и стекнување знаење за студентите, на Економскиот факултет во Скопје свечено беше пуштена во употреба реновираната и модернизирана „Халк Читална“, благодарение на донација од Халкбанк во вредност од околу 30.000 евра.

На настанот присуствуваа ректорката на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, проф. д-р Биљана Ангелова, деканот на Економскиот факултет, проф. д-р Мијалче Санта, професори на Економскиот факултет, претставници на Халкбанк и студенти.






Со донацијата се направени суштински подобрувања на инфраструктурата во читалната, вклучувајќи целосна замена и поставување нови енергетски ефикасни прозорци, како и нови теписони, со што просторот се трансформира во попријатна и пофункционална средина за секојдневните академски активности на студентите.

Деканот на Економскиот факултет, проф. д-р Мијалче Санта, истакна дека читалната е еден од најважните простори на факултетот, токму поради времето што студентите го поминуваат во неа и знаењето што го создаваат таму.

– Една читална се мери според тоа колку часови студентите ќе поминат во неа, колку испити ќе подготват и колку семинарски и дипломски трудови ќе напишат. Токму затоа ни беше важно овој простор да биде обновен, бидејќи условите во кои студентите учат покажуваат колку ние како институција ги цениме. Благодарни сме на Халкбанк што пристапи со прашањето што им е потребно на студентите. Нивната кампања „Важни за младите“ овде добива конкретен облик – преку подобри услови за учење и простор што ќе го користат сегашните и идните генерации студенти – изјави деканот Санта.

Ректорката на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, проф. д-р Биљана Ангелова, посочи дека обновената читална претставува директна инвестиција во студентите и во академската средина.

– Овој простор е многу повеќе од обновена читална. Тој е инвестиција во знаењето, во академската средина, а пред сè инвестиција во нашите студенти. Универзитетот го сочинуваат неговите наставници и студенти, па затоа условите во кои тие учат, истражуваат, создаваат и ги изразуваат своите идеи се подеднакво важни како и самата настава и истражувањето. Овој пример покажува колку е значајно кога Универзитетот и општествено одговорниот бизнис-сектор соработуваат со заедничка цел – создавање подобри можности за студентите и нивното образование. Искрено ѝ благодариме на Халкбанк за поддршката и за препознавањето на потребите на академската заедница – истакна ректорката Ангелова.

Директорот на Халкбанк, д-р Фатих Шахбаз, посочи дека поддршката за Економскиот факултет е дел од пошироката определба на банката за вложување во младите и нивниот професионален развој.

– За Халкбанк, оваа донација е многу повеќе од инвестиција во подобрување на еден простор. Таа е инвестиција во студентите кои ќе го користат, во нивното знаење, развој и иднина. Затоа сакаме да придонесеме младите да имаат квалитетни услови за учење, но и можности стекнатото знаење да го поврзат со практично искуство. Нашата повеќегодишна соработка со Економскиот факултет токму тоа го овозможува, поврзување на академското знаење со реалниот деловен свет, преку студентски практики, професионален развој и можности за кариера. За нас ова е начинот на кој партнерството добива вистинска вредност, не само да поддржиме една институција, туку да бидеме партнер на генерациите кои ќе ја создаваат економијата на иднината – посочи Шахбаз.

Реновирањето на читалната е уште еден чекор во ова партнерство, со заедничка цел да се создадат услови во кои знаењето, практичното искуство и новите идеи ќе можат да се развиваат.

За Халкбанк, поддршката на образованието е дел од пошироката општествена одговорност на банката и определбата да биде партнер на младите, образовните институции и заедницата.

„Халк Читална“ продолжува да биде место за учење и истражување, но и простор во кој можат да започнат нови идеи, професионални контакти и идни кариери.

 

Поврзани содржини