5 ДЕЦА ПРЕЖИВЕАЛЕ „РОПСТВО“, СЕГА ДОБИЈА 4,4 МИЛИОНИ ДОЛАРИ Нивните посвоители се осудени на 375 години затвор

Двајца од нив полицијата ги пронашла заклучени во барака без вода и светло, а нивните посвоители подоцна добија вкупно 375 години затвор. За случајот од 2023 година децата сега добија 4,4 милиони долари од државата Западна Вирџинија.

128

Пет афроамерикански деца кои во 2023 година биле злоставувани и третирани како „робови“ од своите  посвоители ќе добијат отштета од 4,4 милиони долари од државата Западна Вирџинија во САД. Државата не успеала да ги заштити и покрај предупредувањата за условите во кои живееле, објави  „Њујорк пост“.

Станува збор за случај што ја шокираше американската јавност. Пет браќа и сестри, тогаш на возраст меѓу 6 и 16 години, живееле во ужасни услови на имотот на своите посвоители Џин Кеј Вајтфедер и Доналд Ланц во Сисонвил. Обвинителството тврдеше дека децата биле принудувани да работат земјоделски работи и биле третирани различно поради нивната раса.






Вајтфедер и Ланц подоцна беа осудени на вкупно 375 години затвор – таа на 215, а тој на 160 години.

Случајот беше откриен откако сосед пријавил дека две деца се држат затворени во барака. Полицајците таму пронашле 14-годишно момче и неговата 16-годишна сестра.

Во бараката немало вода ниту светло. Имало само мал преносен тоалет, а децата спиеле на бетонски под без душеци. Кога биле пронајдени, носеле валкана облека, а еден од тинејџерите рекол дека биле заклучени 12 часа и дека толку време поминало од нивниот последен оброк.

Новата разврска, меѓутоа, го отвори и прашањето како системот дозволил злоупотребата да трае толку долго. Децата годинава го тужеа Одделот за човечки услуги на Западна Вирџинија, тврдејќи дека службите за заштита на децата не реагирале како што требало.

Според информациите изнесени во постапката, имало повеќе повици од соседите, но адвокатот на децата Данте ди Трапано вели дека реакцијата била недоволна.

– Имаше многу повици од соседите и, мислам, само една посета таму. Требаше да има многу повеќе – изјавил Ди Трапано.

За време на судењето било утврдено и дека службата за заштита на децата во еден момент оставила картичка на влезната врата. Подоцна бил извршен и разговор со децата, но, според адвокатот, тие биле во близина на своите посвоители. Најмалку еден вработен во надлежната служба бил отпуштен.

Судот во округот Канава минатата недела ја одобрил спогодбата од 4,4 милиони долари, што е максималниот износ што државата може да го исплати. Парите ќе бидат поделени меѓу петте деца, од кои некои, според нивниот адвокат, сè уште ги чувствуваат последиците од преживеаното.

– Ова значи дека овие деца ќе имаат можност да бидат деца. Нивната невиност и младост им беа украдени од чудовиштата што беа нивни поранешни родители – изјавил Ди Трапано.

По апсењето на Вајтфедер и Ланц, петте деца биле сместени во нови семејства. Две од нивните нови мајки се појавиле и пред судот и раскажале за новиот живот на децата, во кој сега има место и за нешта што претходно им биле недостижни – меѓу нив и патување на плажа.

Поврзани содржини