БРАЗИЛ ЌЕ ИСТРАЖУВА МОЖНО МЕШАЊЕ НА САД ВО ИЗБОРИТЕ Лула да Силва и Флавио Болсонаро во втор круг

Бразилската федерална полиција отвори прелиминарна истрага по барање од Канцеларијата на државниот обвинител, која реагираше на извештајот на британскиот весник Гардијан дека администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп издвоила еден милион долари за програма против таканаречената правна војна и цензура во Бразил.

52

Бразилската федерална полиција отвори прелиминарна истрага за можно американско мешање во претседателските избори, потврди уште вчера, на денот на изборите, главниот директор на полицијата, Андреј Родригес.

Тој наведе дека сè уште не е отворена формална полициска истрага, но дека се анализираат информациите доставени од Канцеларијата на државниот обвинител.






Постапката следи по барање од Канцеларијата на државниот обвинител, која реагираше на извештајот на британскиот весник Гардијан дека администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп издвоила еден милион долари за програма против таканаречената правна војна и цензура во Бразил.

Не е јасно дали овие пари веќе се исплатени или само се наменети за проектите.

Гардијан пишува дека бразилскиот проект е дел од поширок пакет вреден околу 177 милиони долари, наменет за програми за човекови права и демократија во неколку земји.

– Добивме поднесок од Канцеларијата на државниот обвинител со предлог за истрага на надворешно мешање. Го препративме документот до Дирекцијата за разузнавачки работи за да се започне постапката – изјави директорот на полицијата, Родригес.

Тој додаде дека ова е прелиминарна постапка и дека одлуката за отворање официјална истрага сè уште не е донесена.

Побаран е коментар од американскиот Стејт департмент, но сè уште нема одговор.

Во поднесокот од бразилското обвинителство се наведува дека доколку се потврдат тврдењата, финансирањето од странство за организирани напади врз бразилските институции би можело да претставува недозволиво странско мешање во внатрешните работи на земјата.

Бразилските власти сè уште не објавија кој конкретно во земјата требало да ги добие американските пари ниту дали има докази дека дел од средствата веќе стигнале до одредени организации. Токму ова треба да го разјасни прелиминарната проверка од страна на Федералната полиција.

Претседателот на Врховниот изборен суд, Касио Нунес Маркес, изјави дека во моментов нема конкретни индикации за меѓународно мешање во изборниот процес. Според него, извештаите на изборниот суд не покажуваат закана за гласачките места, опремата или самото спроведување на изборите.

Родригес, исто така, се осврна на привременото прекинување на конзуларните услуги на амбасадите на САД и Австралија од безбедносни причини. Тој рече дека нема реален ризик или конкретен елемент што би укажал на планирање напад.

Случајот доаѓа во време на зголемени тензии меѓу Вашингтон и бразилските институции. Администрацијата на претседателот на САД, Доналд Трамп во последните месеци јавно го критикуваше Врховниот суд на Бразил, особено поради одлуките поврзани со социјалните медиуми и дејствијата против сојузниците на поранешниот претседател Жаир Болсонаро.

Во вториот изборен круг на претседателските избори во Бразил, бразилскиот сенатор, Флавио Болсонаро ќе се соочи со актуелниот претседател, Луиз Инасио Лула да Силва. Вчера, на првиот круг од гласањето Болсонаро освои 47 отсто од важечките гласови.

Прелиминарните податоци на бразилската изборна комисија покажуваат дека по обработени речиси сто отсто од гласачките ливчиња, Болсонаро освоил 47,05 отсто од гласовите, а Лула 45,14 отсто, значително повеќе од преостанатите 10 кандидати.

Бидејќи ниту еден кандидат не освои повеќе од 50 отсто од гласовите, Бразилците во вториот круг закажан за 25 октомври ќе одлучат дали 80-годишниот Лула ќе освои четврти претседателски мандат или ќе биде заменет од 45-годишниот Болсонаро.

Десничарскиот сенатор е син на поранешниот бразилски претседател, Жаир Болсонаро, кој беше осуден на 27 години затвор за планирање државен удар по поразот на изборите во 2022 година.

Анкетите пред изборите предвидуваа дека Лула во првиот круг ќе има предност од околу 3 проценти.

И покрај сè поизразената загриженост за состојбата на јавните финансии и бавниот економски раст на Бразил, во кампањата немаше вистинско политичко соочување, а двајцата водечки кандидати ги пропуштија главните телевизиски дебати.

Поврзани содржини