НАПАДНАТИ ДВА ОБЈЕКТА ВО НУКЛЕАРНАТА ЦЕНТРАЛА КАЈ ЗАПОРОЖЈЕ Оштетени покрив на лабораторија и објект за преработка на радиоактивен отпад

Руската страна тврди дека нападот го извршиле украински сили, но засега нема независна потврда за тоа.

0

Два објекта во нуклеарната централа во Запорожје биле нападнати и оштетени во текот на ноќта, соопшти Алексеј Лихачев, генерален директор на руската државна корпорација „Росатом“, која стопанисува со централата.

Според Лихачев, истовремено биле нападнати лабораторискиот корпус, кој се наоѓа на околу 200 метри од реакторските блокови 4 и 5, и објектот за преработка на радиоактивен отпад. Во двата објекта биле оштетени покривите.






– Ситуацијата во самата нуклеарна централа Запорожје беше напната во текот на ноќта. Два објекта беа нападнати истовремено – изјави Лихачев.

Руската страна тврди дека нападот го извршиле украински сили, но засега нема независна потврда за тоа. Лихачев соопшти дека нема закана за нуклеарната безбедност, а според досегашните информации нема ниту индикации за ослободување радиоактивен материјал.

Инцидентот се случува во период кога безбедносната состојба околу централата е особено чувствителна. На 3 октомври Меѓународната агенција за атомска енергија (МАГАТЕ) соопшти дека трансформатори во блиската Запорошка термоцентрала, важни за надворешното електроснабдување на нуклеарната централа, биле оштетени во напади на 19, 20 и 27 септември. Поради оштетувањето, централата во периодов се потпирала на резервни извори на електрична енергија, а МАГАТЕ посредуваше за локален прекин на огнот за да може да се извршат поправки.

Сите шест реакторски блока на Запорошката централа се во ладен застој и централата не произведува електрична енергија. Сепак, за безбедносните системи, особено за ладењето на реакторите и складираното потрошено гориво, и натаму е потребно постојано електрично напојување.

Фото: ИААЕ

Запорошката нуклеарна централа се наоѓа во југоисточна Украина, кај градот Енергодар. Таа е под фактичка руска контрола од 4 март 2022 година, кога руските сили ја презедоа по борби во областа. Формално и според меѓународно признатите граници, централата е на украинска територија. Русија ја смета за дел од својата државна нуклеарна инфраструктура и управува со неа преку „Росатом“, додека Украина го задржува ставот дека централата е украинска и дека руската контрола е окупација. МАГАТЕ има постојано присуство во централата и ја третира како украинска нуклеарна постројка.

Поврзани содржини