ЕДИНСТВЕНИОТ ОСУДЕНИК ЗА „ЛАСКАРЦИ“ ПОД НАДЛЕЖНОСТ НА КРИВИЧЕН ИЗЛЕГУВА ОД ЗАТВОР Боваровски се ослободува до новата судска одлука

Јане Боваровски ја издржуваше петгодишната затворска казна, но по укинувањето на пресудата на Апелација ќе биде ослободен од понатамошно издржување. За останатите осуденици во предметот е надлежен Основниот суд во Гостивар.

121

Јане Боваровски, еден од осудените во предметот за автобуската трагедија кај Ласкарци, се ослободува од понатамошно издржување на затворската казна до донесување нова судска одлука. Основниот кривичен суд Скопје денеска потврди дека веќе го добил официјалното известување.

Боваровски е единствениот осуденик во предметот чија санкција се извршувала по упатен акт на скопскиот Кривичен суд. За останатите осудени е надлежен Основниот суд во Гостивар според нивното место на живеење.






„До нашиот суд е стигнато известување во однос на осудениот Ј.Б. во предметот познат како ‘Ласкарци’, дека согласно пресудата на Врховниот суд се ослободува од понатамошно издржување на казната затвор до донесување на нова одлука.“

Кривичен посочува дека одлуката за Боваровски е последица на пресудата на Врховниот суд, со која беше укината одлуката на Апелација и предметот беше вратен на повторно постапување и одлучување.

„Ова е единствениот осуден чија санкција му се извршува по упатен акт на Кривичен суд Скопје. Сите останати осудени се под надлежност на Основниот суд во Гостивар, согласно нивното место на живеење.“

Апелација претходно ги зголеми казните на дел од осудените. На сопственикот на „Дурмо турс“, Дурмиш Белули, и на одговорниот за транспорт Ремзи Мифтари казните од 6 беа зголемени на по 10 години затвор, а на Игор Ѓорѓиевски и Горан Дуковски од 5 на по 7 години. Казната на Боваровски остана 5 години, а на возачот Маноил Трифуновски 14 години.

Врховниот суд оцени дека Апелација не дала доволно конкретни одговори на суштинските жалбени наводи и не образложила детално како дејствијата на секој од осудените се поврзани со несреќата.

Автобуската трагедија кај Ласкарци се случи на 13 февруари 2019 година, кога автобус на „Дурмо турс“ излета од автопатот Скопје – Тетово. Загинаа 16 луѓе, а повеќе од 30 беа повредени.

Поврзани содржини