ГОДИНАШНИОТ „БРАЌА МАНАКИ“ СО РЕКОРДНА ПРОГРАМА И БРОЈНИ ГОСТИ Новина е и киното на отворено

Јануш Камински, Воли Фистер, Тимо Салминен и Семи Капланоглу се меѓу светските имиња кои се очекуваат во Битола, а годинава се воведуваат и кино на отворено и нова соработка со Европската филмска академија.

55

Годинашното 47. издание на Интернационалниот филмски фестивал „Браќа Манаки“ носи рекорден број филмови, гости и едукативни содржини. Фестивалот се отвора утре во Битола со македонскиот филм „Скејтањето не е за девојчиња“ во режија на Дина Дума.

На денешната прес-конференција беше најавено дека на фестивалот ќе присуствуваат голем број автори од светската кинематографија. Покрај годинашните лауреати Ден Лаустсен и Џеф Кроненвет, во Битола ќе гостуваат и Јануш Камински, Семи Капланоглу, Воли Фистер, Тимо Салминен и други познати имиња од филмскиот свет.






Директорот на ИФФК „Браќа Манаки“, Димитрија Доксевски, рече дека фестивалската програма годинава е особено богата и дека бројот на гости е еден од белезите на ова издание.

– Годинава имаме импресивна програма со рекорден број филмови и едукативни содржини. Морам да потенцирам дека имаме прекрасни автори и огромна бројка на гости на ова издание. Покрај лауреатите Ден Лаустсен и Џеф Кроненвет, во Битола доаѓаат Јануш Камински, Семи Капланоглу, Воли Фистер, Тимо Салминен и ред други истакнати имиња од светската кинематографија – рече Доксевски.

Кино на отворено во Музејот на Битола

Една од новините на годинашното издание е киното на отворено, кое ќе се одржува во Музејот на Битола. Проекциите таму ќе бидат бесплатни, а публиката ќе може да ја следи Макпоинт-програмата.

Макпоинт повторно е дел од фестивалската програма, со повеќе македонски филмови, што организаторите го издвојуваат како значаен простор за домашната кинематографија и за претставување на македонските филмски автори пред публиката.

Главната селекција ќе се прикажува во Центарот за култура во Битола. За фестивалот е обезбедено ново платно и нов проектор, кои ќе се користат за проекциите и треба да придонесат за подобар технички квалитет и подобро фестивалско доживување за публиката.

Соработка со Европската филмска академија

Новина во програмата е и соработката на Друштвото на филмски работници со Европската филмска академија, преку нејзиниот Cinematographers Chapter, кој е посветен на кинематограферите и нивната промоција.

Претседателката на ДФРМ Марија Димитрова најави дека соработката ќе започне со серија панели на кои ќе се разговара за работата на кинематограферите, техничките услови во кои работат, но и за други прашања поврзани со професијата.

– Оваа година како Друштво на филмски работници започнуваме соработка со Европската филмска академија. Нивниот Cinematographers Chapter се грижи за кинематограферите и нивната промоција. Заедно со Европската филмска академија започнуваме серија панели на кои ќе разговараме за битни прашања поврзани со работата на кинематограферите, техничките услови во кои работат и ред други аспекти на нивната работа – рече Димитрова.

Првиот панел ќе се одржи на 21 септември во рамките на фестивалот, а меѓу гостите ќе бидат Тимо Салминен и Јануш Камински.

 

 

Поврзани содржини