БЕН АФЛЕК ОТКРИ ЗОШТО ЏЕНИФЕР ГАРНЕР ОТПАДНА ОД КАСТИНГОТ ЗА НОВИОТ ФИЛМ Не е добро за филмот кога поранешната жена треба да ти глуми сопруга
Поранешните сопружници првично требало да бидат брачен пар во новиот филм „Animals“, но кога Афлек ја презел главната улога, сфатиле дека нивната заедничка историја може да му пречи на филмот
Бен Афлек откри зошто неговата поранешна сопруга Џенифер Гарнер првично требало да му биде партнерка во новиот филм „Animals“, но на крајот била заменета со Кери Вашингтон. Афлек првично сакал Гарнер да ја игра сопругата на Мет Дејмон, кој требало да биде главниот актер, но проектот во меѓувреме претрпел големи промени.
Афлек во интервју за „Entertainment Weekly“ објаснува дека изборот на Гарнер имал и практична причина. Бидејќи поранешните сопружници заедно се грижат за нивните три деца, снимањето на истиот филм би им овозможило полесно да ги усогласат обврските и да поминуваат повеќе време со нив. Тој сметал и дека Гарнер би внела нешто ново во улогата, што досега немала можност да го покаже на филм.
Снимањето на „Animals“ започна во јануари 2024 година, но продукцијата беше прекината. Во меѓувреме, Дејмон повеќе не можел да учествува поради обврските околу филмот „The Odyssey“, па Афлек решил самиот да ја преземе неговата улога. Со тоа се сменил и планот за Гарнер, бидејќи таа требало да игра сопруга на ликот што сега ќе го толкува нејзиниот поранешен сопруг.
Тогаш двајцата разговарале и заклучиле дека нивното повторно појавување како брачен пар на екранот би можело да создаде премногу асоцијации кај публиката. Афлек ја пренесе нејзината реакција со зборовите дека така „само ќе добиете багаж“, односно дека нивната реална историја би можела да стане поважна од приказната што ја гледаат гледачите.
Улогата на сопругата на крајот ја доби Кери Вашингтон. Во филмот, нејзиниот лик и ликот на Афлек се соочуваат со драматична ситуација откако нивниот син е киднапиран, а кризата дополнително го тестира нивниот брак. Во актерската екипа се и Стивен Јун и Џилијан Андерсон.
И покрај тоа што не се појавуваат заедно во „Animals“, Афлек вели дека со Гарнер останал во добри односи и дека би сакал повторно да работи со неа. Двајцата беа во брак од 2005 до 2018 година, а по разводот останаа посветени на заедничкото родителство на нивните три деца.
„Animals“ ќе има премиера во одбрани кина на 9 октомври, а потоа ќе биде достапен на „Netflix“.