ДУТЕРТЕ СЕ ПОЈАВИ ВО ХАГ, ОБВИНЕНИЕТО ОТКРИВА МРАЧЕН СИСТЕМ Дали 81-годишникот ќе биде прогласен за неспособен да му се суди?

Обвинителите го товарат поранешниот претседател на Филипините за злосторства против човештвото, а во судските документи опишуваат наводен систем на убиства, награди и заштита на извршителите.

89

Поранешниот претседател на Филипините Родриго Дутерте (81) за првпат лично се појави пред Меѓународниот кривичен суд (МКС) во Хаг, каде што треба да му се суди за злосторства против човештвото поврзани со неговата крвава „војна против дрогата“.

Но, пред почетокот на процесот, судиите треба да решат дали тој воопшто е здравствено способен да учествува во судењето.






Дутерте дошол во судницата во темно одело и бела кошула. За време на рочиштето не зборувал, а по неговото завршување им мавнал на членовите на семејството кои седеле во галеријата.

Тој е во притвор на МКС откако беше уапсен на Филипините во март 2025 година и предаден на судот во Хаг. Досега на дел од рочиштата учествувал преку видеоврска или не присуствувал лично.

Зад познатата синтагма „војна против дрогата“, обвинителството опишува многу помрачен механизам. Во судските документи се тврди дека бил создаден систем во кој извршителите на убиства знаеле дека ќе бидат заштитени од одговорност, а за дел од убиствата наводно биле нудени и исплаќани финансиски и други награди преку таен систем.

Обвинителството тврди и дека Дутерте со јавни изјави одобрувал, поттикнувал или промовирал убиства. Овие наводи се дел од обвинителната теза и допрва треба да бидат докажани во судска постапка.

МКС го опфаќа периодот од времето кога Дутерте бил градоначалник на Давао до дел од неговиот претседателски мандат. Филипинската полиција претходно наведе повеќе од 6.000 загинати во операциите против дрогата за време на неговото претседателствување, додека организациите за човекови права даваат значително повисоки процени.

Дутерте ги негира обвиненијата.

Неговата одбрана сега отвора сосема поинаква битка. Адвокатите тврдат дека Дутерте има сериозни проблеми со меморијата и временската ориентација и дека поради тоа не може ефикасно да соработува со својот правен тим.

Обвинителството го оспорува тоа и се повикува на медицинските процени според кои Дутерте може да учествува во процесот. Конечната одлука за неговата способност да му се суди треба да ја донесе судскиот совет.

Судењето е закажано да почне на 30 ноември. Филипините го напуштија МКС во 2019 година, но судот смета дека ја задржува надлежноста за наводните злосторства извршени додека земјата била членка.

Поврзани содржини