„ИСТОРИЈАТА ЌЕ СУДИ“ Вашингтон воведе санкции за судот во Хаг, стигнаа реакции
Вашингтон го прошири ударот од судиите и обвинителите врз целата институција. Судот, пак, побара од своите 125 членки да го заштитат неговото работење.
Администрацијата на претседателот на САД Доналд Трамп воведе санкции против Меѓународниот кривичен суд (МКС) во Хаг како институција, со кои сака да му ги пресече финансиските ресурси.
Судот возврати дека станува збор за напад врз меѓународниот правен поредок и побара поддршка од државите членки, јави Ројтерс.
Американскиот државен секретар Марко Рубио најави забрана за трансакции со судот.
Ќе ги забраниме трансакциите со овој одметнички суд, ќе му ги пресечеме ресурсите и ќе ја парализираме неговата способност за дејствување“, наведе Рубио.
Новите мерки одат подалеку од досегашните санкции против поединечни судии и обвинители, бидејќи ги засегаат и компаниите што ја опслужуваат институцијата.
„Претседателот Трамп никогаш нема да дозволи Меѓународниот кривичен суд кривично да гони Американци“, порача Рубио.
МКС оцени дека мерките треба да ги заплашат вработените и да го попречат спроведувањето на правдата. Сепак, судот најави дека ќе продолжи да ја исполнува својата мисија.
„Историјата ќе суди за овој момент“, се вели во соопштението.
Повикот е упатен до 125 држави членки, од кои судот очекува конкретна заштита. МКС нагласи дека нивниот одговор ќе биде важен и за зачувувањето на поредокот заснован врз владеење на правото.
Вашингтон подолго време го оспорува работењето на судот. Спорот ги опфаќа налозите за апсење израелски функционери, меѓу кои и премиерот Бенјамин Нетанјаху, поради наводни воени злосторства во Газа. Американските власти се противеа и на истрагата за постапувањето на нивните војници во Авганистан, која МКС во меѓувреме ја затвори.
Одлуката пристигна само неколку часа откако поранешната судијка на МКС, јужноафриканската правничка Нави Пилај, ја доби Нобеловата награда за мир.
Раководството на судот со месеци се подготвувало за вакви санкции. Подготовките опфаќале замена на софтверот на Мајкрософт и договарање други решенија за банкарските услуги и за здравственото осигурување.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска им се заблагодари на американскиот претседател Доналд Трамп и државниот секретар за одлуката за воведување санкции против Меѓународниот кривичен суд.
„Го поздравувам претседателот Трамп и државниот секретар Рубио за донесувањето на оваа клучна одлука за воведување санкции против МКС. МКС не е суд. Тоа е политичко тело што претставува смртна закана за демократиите што го почитуваат правото ширум светот, како и за самата идеја за национален суверенитет. Ви благодарам за вашето лидерство“, напиша Нетанјаху на Икс.
Од друга страна, претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта порача дека меѓународната правда мора да се брани.
„Внимателно ќе ја анализираме ситуацијата и ќе преземеме соодветни чекори за заштита на Судот. Одлуката на САД да го одложат стапувањето во сила на нивните најнови мерки претставува можност за дијалог. ЕУ ќе продолжи да ги поддржува МКС и системот на Римскиот статут преку политички, дипломатски, финансиски и практични средства“, напиша Кошта на Икс.
Високата претставничка на Европската унија за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас, излезе со коментар велејќи дека Меѓународниот кривичен суд (МКС) е камен-темелник на меѓународниот систем за кривична правда.
„Судот ги гони поединците одговорни за најтешките кривични дела според меѓународното право. Разговарав со претседателката на МКС, Томоко Акане, по најавената намера на Соединетите Држави да воведат санкции. Шестмесечниот период пред стапувањето на мерките во сила нуди можност за дијалог“, додаде таа.