3 ДРЖАВИ СЕ ЗДРУЖИЈА ЗА ПРЕСПА ДА ДОБИЕ ВЛЕЗ ВО УНЕСКО Македонија, Грција и Албанија потпишаа заедничка изјава
Трите земји ќе подготвуваат заедничка номинација за меѓународна заштита на природното и културното богатство на Преспанскиот Регион. Меѓу досегашните примери на прекугранична соработка се обновата на живописот во црквата „Св. Ѓорѓи“ во Курбиново и активностите на островот Мал Град.
Преспанскиот Регион би можел да се најде на Листата на светското наследство на УНЕСКО, откако Македонија, Грција и Албанија се договорија заеднички да ја подготвуваат неговата номинација.
Министрите за култура на трите земји денеска во Грција потпишаа заедничка изјава со која се обврзаа на поголема соработка во заштитата на природното и културното наследство на регионот што ги поврзува трите држави.
Документот го потпишаа македонскиот министер за култура и туризам Седат Сулејмани, грчката министерка за култура Лина Мендони и албанскиот министер за туризам, култура и спорт Бленди Гонџја.
Заедничката номинација претставува следен чекор кон меѓународно признавање на вредностите на Преспанскиот Регион, но и кон воспоставување долгорочен систем за негова заштита и управување.
На средбата присуствуваа и шефот на Делегацијата на Европската Унија во Македонија, Михалис Рокас, претставници на УНЕСКО и на Обединетите нации, како и претставници на локалните самоуправи од трите држави.
– Преспа, природно и историски, отсекогаш била една целина, иако нејзините брегови ги делат три соседни држави. Токму во таа сложена убавина лежи и нашата одговорност: да ја претвориме во причина за континуирана, добро координирана и резултатски ориентирана соработка – порача Сулејмани.
Според министерот, целта не е само Преспа да добие меѓународно признание, туку заштитата на регионот да донесе конкретни придобивки за населението и локалните заедници.
Како пример за досегашната соработка беше посочена конзервацијата на живописот во црквата „Св. Ѓорѓи“ во Курбиново, која се реализира во соработка со Европскиот центар за византиски и поствизантиски споменици од Грција.
Меѓу заедничките активности се и проектите со албанските институции на островот Мал Град, како и проектот „ACT4PRESPA“, поддржан од Европската Унија.
– Овие искуства покажуваат дека соработката постои, но и дека можеме да ја зголемиме – истакна Сулејмани.
Тој оцени дека заедничкото управување со природното и културното наследство може да ја направи Преспа пример за успешна соработка меѓу соседни земји.
– Преспа заслужува да биде простор каде што разликите се почитуваат, а заедничките вредности се негуваат. Кога ги спојуваме знаењето, добрата волја и заедничкиот интерес за овој регион, ние не градиме само проекти – градиме трајна и зрела соработка меѓу нашите три земји – порача министерот.