КАШЕСТ СНЕГ НА ПАТИШТАТА ВО ЗАПАДНА МАКЕДОНИЈА „Македонијапат“ предупредува и на можни одрони
Дежурните екипи интервенирале на повисоките места во западните делови од земјата. Сите патни правци се проодни, но можна е појава на поситни одрони низ клисурите и усеците.
Сообраќајот на државните патишта вечерва се одвива по влажни коловози, а во западните делови од земјата, на некои повисоки места, има и мали остатоци од кашест снег на патиштата.
Од ЈП „Македонијапат“ информираат дека состојбата е санирана по интервенцијата на дежурните екипи, но на одредени делници сè уште има остатоци од снег. Во останатите делови од државата коловозите се наместа влажни.
Од претпријатието посочуваат дека сите патни правци во земјата се проодни, но предупредуваат на можност од поситни одрони на делниците што минуваат низ усеци и клисури.
Од „Македонијапат“ апелираат возачите да бидат внимателни, да ја почитуваат поставената сообраќајна сигнализација и да ја приспособат брзината кон условите на патот.