ФОРМИРАН НАЦИОНАЛЕН КОМИТЕТ ЗА ЗАШТИТА НА НОВИНАРИТЕ Ќе се следат нападите и заканите, најавени се конкретни мерки

Во телото ќе членуваат претставници на министерствата, обвинителството, судските и медиумските институции, ЗНМ и ССНМ. Предвидени се подобри процедури за пријавување закани, специјализирани обуки и акциски план за периодот 2027–2030 година.

0

Формиран е Националниот комитет за заштита и безбедност на новинарите, нов меѓуинституционален механизам чија цел е подобрување на безбедноста на новинарите и медиумските работници во земјава.

Комитетот е формиран по иницијатива на Владата, во согласност со европските стандарди и препораките на Советот на Европа. На неговиот конститутивен состанок се обратил министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, кој истакнал дека слободното и безбедно новинарство е неопходен услов за демократско општество.






– Слободното и безбедно новинарство не е привилегија на новинарите, туку право и потреба на секое демократско општество. Новинарите се тие што поставуваат прашања во име на јавноста, откриваат неправилности, бараат одговорност и им овозможуваат на граѓаните да носат одлуки врз основа на точни и проверени информации – истакнал Тошковски.

Тој нагласил дека нападот врз новинар поради неговата професионална работа е и напад врз правото на јавноста да биде информирана. Според него, за ефикасна заштита е неопходна постојана соработка меѓу полицијата, обвинителството, правосудните институции и новинарските организации.

За претседател на Комитетот е определен Мухамед Исмаиљи, помошник-министер за односи со јавноста и стратешки прашања во МВР, кој воедно е и национална фокална точка на Советот на Европа за безбедност на новинарите.

Во составот на телото ќе членуваат претставници на Министерството за внатрешни работи, Министерството за правда, Министерството за дигитална трансформација, Јавното обвинителство, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Академијата за судии и јавни обвинители, Македонската радио-телевизија, Здружението на новинарите на Македонија и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници.

Комитетот ќе ја следи состојбата со заканите и нападите врз новинарите, ќе поттикнува размена на информации меѓу институциите и ќе предлага мерки за подобрување на постојните механизми за заштита. Неговата работа, како што е предвидено, нема да навлегува во законските надлежности на институциите.

Еден од главните приоритети ќе биде подготовката и спроведувањето на Национален акциски план, со конкретни активности, рокови и мерливи резултати.

Планот треба да опфати подобрување на постапките за пријавување закани и процена на ризикот, поефикасна координација меѓу полицијата и обвинителството, специјализирани обуки, како и зајакнување на капацитетите за справување со онлајн закани и дигитални докази.

Посебно внимание ќе биде посветено на заштитата на новинарките од родово засновано вознемирување, безбедноста на истражувачките, локалните и независните новинари, како и спречувањето на злоупотребата на судските постапки преку таканаречените SLAPP-тужби, кои се користат за заплашување и замолчување на новинарите.

– Не сакаме да создадеме механизам во кој институциите ќе разговараат сами со себе за безбедноста на новинарите. Сакаме механизам во кој новинарите ќе имаат свој глас, а институциите обврска тој глас да го слушнат – порача Исмаиљи.

Поврзани содржини