САД ИМААТ ОРУЖЈЕ И ЗА НАПАД И ЗА ОДБРАНА ВО ВСЕЛЕНАТА Вселенските сили ја чуват Америка од Кина и од Русија
САД располагаат со оружени системи за контрола на вселената во орбитата, способни да ги заштитат обединетите вооружени сили од непријателски дејствија на противниците, соопшти портпаролот на американските Вселенски сили.
САД имаат распоредени оружени системи во орбитата, соопштија американските Вселенски сили, со што за првпат јавно потврдија дека располагаат со воени капацитети во вселената.
„САД располагаат со оружени системи за контрола на вселената во орбитата, способни да ги заштитат обединетите вооружени сили од непријателски дејствија на противниците“, изјави портпарол на американските Вселенски сили во соопштение, без да го прецизира видот на оружјето.
Според истиот извор, „контролата на вселената“ ги опфаќа сите мисии насочени кон борбата за контрола на вселенската средина, со употреба на „кинетички и некинетички“ средства способни да влијаат врз воените способности на противникот.
„Таквите способности можат да се користат и за офанзивни и за одбранбени цели“, се вели во соопштението.
Вселенските сили на САД своето воено присуство во земјината орбита го образложуваат како реакција на присуството на двата главни геополитички ривали во вселената.
Кина, според нив, „развива и распоредува вселенски и противвселенски способности во рамките на стратегијата за воена модернизација“, додека Русија „ја смета вселената за бојно поле и верува дека вселенската супериорност ќе биде одлучувачки фактор во идните конфликти“.