ВМРО-ДПМНЕ ЗБОРУВАШЕ ЗА НЕЗАВИСНА МАКЕДОНИЈА УШТЕ ВО СФРЈ Мицкоски направи ретроспектива на 35 години демократија

Мицкоски се наврати на 35 години ВМРО-ДПМНЕ и потсети дека партијата уште во СФРЈ се залагала за независна Македонија со своја армија, химна и банкноти.

156

ВМРО-ДПМНЕ уште во времето кога Македонија била дел од поранешната СФРЈ зборувала за независна, демократска и суверена држава со сопствени банкноти, химна, армија и спортски репрезентации, рече вечерва претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Христијан Мицкоски.

Премиерот зборуваше на панелот на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ по повод Меѓународниот ден на демократијата.






На панелот насловен „Повеќе учество, повеќе демократија“ тој се наврати на изминатите 35 години независна Македонија, поврзувајќи ги почетоците на ВМРО-ДПМНЕ со осамостојувањето на земјата и со развојот на демократијата. Според Мицкоски, партијата уште додека земјата била дел од југословенската федерација се залагала за независна и суверена македонска држава.

Како резултат на тие политики, рече тој, во 1991 година граѓаните се изјасниле за независна држава во која демократијата ќе извира од народот.

Мицкоски во 35-годишната ретроспектива внесе и личен момент.

– Роден сум во еднопартиски систем, како тинејџер бев во независна Македонија, а сега учествувам во демократските процеси и ја предводам најсилната организација. Убеден сум дека во иднина ќе можеме да видиме која генерација што и колку направила за демократијата да биде позрела од претходната.

Според премиерот, ние сме млада демократија, 35 години не значи премногу, но е доволно за да се направи ретроспектива на подемите и на падовите.

Тој оцени дека државата учела и растела од падовите и дека демократијата е процес што треба и натаму да се развива и усовршува. Според него, ВМРО-ДПМНЕ, демократијата и независна Македонија во изминатите 35 години биле „сопатници низ времето“.

Настанот почна со интонирање на македонската химна и химната на ВМРО-ДПМНЕ. Во рамките на платформата се предвидени две панел-дискусии – „Учеството како двигател на демократијата“ и „Улогата на политичките партии во демократското учество“.

Поврзани содржини