ЗА 26 МЕСЕЦИ ОД КЛЕКНАТА И ОГРАБЕНА ДРЖАВА, МАКЕДОНИЈА СТАНА ПОДОБРО МЕСТО ЗА ЖИВЕЕЊЕ Мицкоски вети по 3 години животот на граѓаните ќе биде уште подобар

Според премиерот еден од водечките проекти на почетокот на оваа влада беше децентрализирање на средства од државниот буџет кон општините преку која се обезбедени проекти од половина милијарда евра.

1

Од клекната, ограбена и распадната држава којашто пред 26 месеци ни беше главен предизвик, а ја наследивме од претходната влада на СДСМ и ДУИ, денеска можеме да кажеме дека Македонија после три години е подобро место за живеење. Јас ви гарантирам дека за три години ќе биде уште подобро место за живеење од денеска, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски.

Тој при промоцијата на нови комунални возила за општините истакна дека изминатите 26 месеци се бореле со распаднати и уништени институции, со ограбена држава која била клекната на колена.






– Завршувавме проекти коишто беа започнати и заборавени, градевме експресни патишта, делници од пруга и продолжуваме да градиме експресни патишта и делници од пруга. ​Продолживме со автопатските делници и отпочнуваме нови. Реконструираме болници… – рече Мицкоски.

Тој додаде дека еден од водечките проекти е децентрализацијата на парите од буџетот.

– ​Еден од водечките проекти на почетокот на оваа влада беше децентрализирање на средства од државниот буџет кон општините и на тој начин успеавме да обезбедиме проекти од половина милијарда евра коишто се децентрализираа од централниот буџет кон општините за капитални инвестиции – рече Мицкоски.

Тој рече дека резултат на таа политика е и купувањето возила за собирање смет и автобуси за општините.

– ​Еден од проектите со коишто со коишто можеме исто така да се пофалиме е и овој проект денеска којшто го претставуваме за подобра животна средина, за поголема хигиена во нашите општини. Им честитам на сите оние коишто ќе добијат нова механизација, нови алатки да се справуваат со сметот. Повикувам и на општествена одговорност и на граѓанска одговорност, затоа што нашата животна средина, е наша животна средина и треба да си ја чуваме сите поддеднакво да бидеме одговорни кон неа – рече Мицкоски.

Тој вети дека владата ќе продолжи да гради.

– Јас сум убеден дека во периодот којшто следи ќе продолжиме да го испорачуваме сето она што го ветивме пред граѓаните. Знам дека тешко се живее, впрочем и никогаш не било полесно, но ние сме тука да го ставиме срцето на терен и да направиме сѐ што е во наша моќ да го подобриме животот на граѓаните преку проекти како овој. Сигурен сум и убеден сум дека тоа ќе се стори – рече Мицкоски.

Поврзани содржини