СЕ МЕНУВА ВОДОВОДНА МРЕЖА СТАРА НАД 40 ГОДИНИ ВО БИТОЛА Почна реконструкцијата на улицата Димитар Тодоровски

На улицата Димитар Тодоровски во Битола започна целосна замена на дотраената водоводна мрежа, вклучително и приклучоците до потрошувачите. Од ЈКП „Водовод“ – Битола најавуваат поставување современи цевки со кои треба да се подобри сигурноста на водоснабдувањето и да се намалат загубите на вода.

22

Водоводната мрежа стара повеќе од 40 години на улицата Димитар Тодоровски во Битола ќе биде целосно заменета со нова. ЈКП „Водовод“ – Битола соопшти дека започнале градежните активности за реконструкција на постојната водоводна линија, кои ќе ги опфатат и сите приклучоци до крајните потрошувачи.

„Започна реконструкцијата на водоводната мрежа на улица Димитар Тодоровски, со која е предвидена целосна замена на постојната водоводна линија, вклучително и сите приклучоци до крајните потрошувачи“, информираат од претпријатието.






Постојната мрежа е изградена од лиено-железни цевки, кои по повеќе од четири децении употреба ќе бидат заменети со современи полиетиленски цевки.

„Со оваа реконструкција, постојната дотраена водоводна мрежа, стара повеќе од 40 години и изградена од лиено-железни цевки, ќе биде заменета со нови, современи полиетиленски цевки (PE), кои обезбедуваат поголема трајност, сигурност и ефикасност во водоснабдувањето“, се наведува во соопштението.

Од ЈКП „Водовод“ посочуваат дека реконструкцијата е дел од континуираните инвестиции во обновување на водоводната инфраструктура во Битола.

Според најавите, целта на инвестициите е намалување на загубите на вода и обезбедување поквалитетно, посигурно и одржливо водоснабдување за граѓаните.

Поврзани содржини