🎥 СЕ ОБНОВУВА ПОДНАТА ФОНТАНА НА ПЛОШТАДОТ МАКЕДОНИЈА Нова опрема и поцврста конструкција
Едно од најпрепознатливите места во срцето на градот, фонтаната која ги привлекуваше погледите на скопјани, гостите и туристите, а која поради долгогодишна негрижа беше оставена да пропаѓа, наскоро повторно ќе блесне во полн сјај. Денес правиме темелно и трајно решение, објави скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски.
Подната фонтана на плоштадот Македонија повторно станува симбол на Скопје, објави скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски.
„Едно од најпрепознатливите места во срцето на градот, фонтаната која ги привлекуваше погледите на скопјани, гостите и туристите, а која поради долгогодишна негрижа беше оставена да пропаѓа, наскоро повторно ќе блесне во полн сјај. Денес правиме темелно и трајно решение. Станува збор за комплексен систем со специјализирана опрема произведена во Германија и со автоматизација која бара прецизно усогласување и целосно враќање на функционалноста“, објави Ѓорѓиевски на Фејсбук.
Паралелно со сервисирањето на опремата, се врши и суштинско конструктивно унапредување на фонтаната, додаде тој.
„Постојната носечка потконструкција, изработена од пластични носачи кои поддржуваа бетонски плочи со тежина од околу 100 килограми по елемент, ја заменуваме со нова, цврста конструкција од иноксни профили, проектирана да издржи значително поголеми механички оптоварувања. Со ова, трајно ја зголемуваме стабилноста, безбедноста и долговечноста на целиот систем. Фонтаната повторно ќе биде место за средби, детска радост, фотографии, прошетки и убави спомени. Место кое ќе му ја врати живоста на плоштадот и повторно ќе стане една од најубавите слики од центарот на Скопје“, објави градоначалникот.
Паралелно, ги заменуваме и оштетените плочки на потегот од Порта Македонија.
„Централното градско подрачје конечно ќе добие уреден, чист и достоинствен лик каков што заслужува. Обновуваме. Создаваме вредности што ќе траат. Чекор по чекор, го враќаме сјајот на Скопје. Скопје го правиме заедно. Ќе го средиме до најситен детал“, објави скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски.