„ГРАЃАНСКА СМРТ“ ЗА РУСИТЕ ВО СТРАНСТВО Москва им замрзнува имот, пари и им ги ограничува правата на осудените во отсуство
Новиот закон на Путин предвидува блокирање сметки, забрана за располагање со имот, ограничување на конзуларни услуги и губење на практичните права за Руси кои живеат надвор од земјата и се осудени во отсуство.
Рускиот претседател Владимир Путин потпиша закон со кој се воведуваат низа ограничувања за руски државјани кои живеат во странство, а се осудени во отсуство и според руските власти „избегнуваат извршување на казната“.
Законот, потпишан на 4 август, стапува во сила веднаш по објавувањето во Службен весник, а со него Москва воведува посебен систем на санкции кон лица кои се наоѓаат надвор од Русија.
Според порталот ЕУалајв, мерките се однесуваат на лица осудени по кој било член од Кривичниот законик, но и на оние против кои има правосилни административни одлуки за дела поврзани со политички чувствителни теми.
Меѓу нив се и обвинувања за „дискредитирање“ на руските вооружени сили, кршење на правилата за статусот „странски агент“, учество во „непожелни организации“, повици за воведување санкции против Русија или оспорување на нејзиниот територијален интегритет.
Според критичарите на законот, ваквите одредби најчесто се користат против антивоени активисти, независни новинари и опозициски личности кои ја напуштиле Русија по почетокот на војната во Украина.
Според ЕУалајв, овие одредби редовно се користат против антивоенa активисти, независни новинари и опозициски личности кои ја напуштиле земјата по почетокот на руската инвазија врз Украина во февруари 2022 година.
Министерството за правда ќе води посебен регистар на овие лица, а главниот обвинител или неговиот заменик ќе има право да ги внесува во него.
По впишувањето во регистарот, лицата ќе се соочат со замрзнување на банкарските сметки во Русија, блокирање на електронското банкарство и трансферите на пари, забрана за продажба или пренос на имот и возила, ограничување на користењето на државниот портал за услуги и електронски потпис, како и со ускратување на поголемиот дел од конзуларните услуги во странство, вклучително и издавање или обновување меѓународни пасоши. Единствен исклучок е издавањето потврда дека лицето е живо.
Мерките вклучуваат и забрана за регистрација како претприемач или самовработено лице, добивање кредити, користење државни бенефиции и овластување други лица да постапуваат во нивно име.
Правните експерти од организацијата за човекови права „Прв оддел“ оценуваат дека збирниот ефект од овие мерки претставува „фактичко одземање на државјанството“ или „граѓанска смрт“, бидејќи државата и натаму бара почитување на законите, но истовремено ги одзема практичните права што произлегуваат од руското државјанство.
По 24 февруари 2022 година, стотици илјади Руси ја напуштија земјата. Конзервативните проценки говорат дека околу 650.000 сè уште живеат во странство, додека пошироките проценки се движат од 800.000 до повеќе од еден милион лица.
Најголемиот бран иселување следуваше по одлуката на Путин за делумна мобилизација на 21 септември 2022 година, кога, според проценките, меѓу 300.000 и 400.000 воено способни мажи ја напуштиле земјата за да избегнат регрутација.
Новите мерки доаѓаат во време кога Русија се соочува со недостиг од човечки ресурси на фронтот. Руски извори и украински претставници тврдат дека во Кремљ се разговара за можен нов бран мобилизација по изборите за Државната дума во септември 2026 година, можеби уште во октомври, кој би можел да опфати меѓу 100.000 и 500.000 лица.
Иако конечна одлука сè уште нема, а Кремљ и натаму инсистира на доброволно регрутирање по договор, времето на донесување на законот, според ЕУалајв, укажува на намерата на Москва дополнително да ја зајакне контролата врз руската дијаспора.