14 ПОЖАРИ ЗА ЕДЕН ДЕН ВО МАКЕДОНИЈА Активен огнот кај Македонски Брод, гори шума и ниска вегетација

Најкритично е кај селото Грешница во Македонски Брод, додека пожарите во Делчево и Ранковце се ставени под контрола.

0

Во текот на денот на територијата на Македонија се регистрирани вкупно 14 пожари на отворен простор, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК). Од нив, еден пожар и натаму е активен, два се ставени под контрола, додека 11 се целосно изгаснати.

Најсериозна е состојбата во Општина Македонски Брод, каде што сè уште гори пожар кај селото Грешница, на месноста Стојанова Населба. Огнот зафатил ниска вегетација, деградирана шума и грмушки, а противпожарните екипи се на терен и работат на негово локализирање.






Под контрола се ставени два пожари, едниот на депонијата во Делчево, а другиот кај селото Герман во Општина Ранковце, каде што горела ниска вегетација.

Во текот на денот пожарникарите интервенирале и на повеќе други локации низ земјава, при што целосно се изгаснати 11 пожари.

Пожари биле регистрирани во општините Желино и Гостивар, каде што горела ниска вегетација, како и во Виница и Зрновци. Интервенции имало и во Битола, Прилеп, Долнени, Липково, Кратово, Неготино, Кавадарци и скопската општина Карпош.

Најчесто гореле сува трева, стрништа, грмушки, ниска вегетација, диви депонии, слама и различен отпад. Благодарение на навремените реакции на противпожарните служби, пожарите биле ставени под контрола пред да предизвикаат поголема материјална штета или да се прошират кон околните површини.

Од ЦУК апелираат граѓаните да бидат внимателни во периодот со високи температури и да не палат отпад или сува вегетација на отворен простор, бидејќи и најмалата невнимателност може да предизвика големи пожари.

Поврзани содржини