САМО ЕДЕН ПОЖАР ОСТАНА АКТИВЕН Под контрола огнената стихија кај Кавадарци, изгаснати уште девет пожари

Центарот за управување со кризи информира дека заклучно со 18 часот во државата биле регистрирани 14 пожари на отворен простор, од кои еден е активен, четири се ставени под контрола, а девет се целосно изгаснати.

44

Во текот на денешниот ден пожарникарите и службите за итни интервенции успеаја значително да ја подобрат состојбата со пожарите на отворен простор низ државата. Според последните информации на Центарот за управување со кризи (ЦУК), заклучно со 18 часот биле регистрирани 14 пожари, од кои само еден останува активен, четири се ставени под контрола, а девет се целосно изгаснати.

Во моментов активен е пожарот во реонот на Стопански Двор, во Општина Ѓорче Петров, каде што гори сува трева и ниска вегетација. На терен и понатаму интервенираат противпожарните екипи со цел да се спречи неговото ширење.






Во меѓувреме, под контрола е ставен големиот пожар во кавадаречкиот регион, кој изминатите денови предизвика сериозна загриженост. Огнот што зафати нискостеблеста шума и ниска вегетација во атарите на селата Раец, Ќесендре и Дреново повеќе не се шири, но екипите остануваат на терен поради можност од повторно разгорување.

Под контрола се и пожарите во шумскиот предел кај селото Мождивњак во Крива Паланка, во близина на ресторан „Сирач“ во Тетово, како и кај селото Горна Лешница во Општина Желино.

Во текот на денот успешно беа изгаснати повеќе пожари во Скопје и околината, каде што гореа сува трева, грмушки, дрвја и отпад. Интервенции имаше и во Битола, Прилеп и Струга, каде пожарникарите спречија огнот да се прошири кон поголеми површини и објекти.

Од Центарот за управување со кризи апелираат до граѓаните да бидат исклучително внимателни при движење и престој на отворен простор, бидејќи високите температури и сувото време значително го зголемуваат ризикот од избувнување и брзо ширење на пожари.

Поврзани содржини