ПРАТЕНИЧКАТА ИЛИРЕ ДАУТИ ЈА БЛОКИРАШЕ СЕДНИЦАТА ЗА ПРАТЕНИЧКИ ПРАШАЊА Го доби бараниот одговор од премиерот, но повторно бараше да даде забелешка

Пратеничката Илире Даути, барајќи одговор од премиерот Христијан Мицкоски за предлог-законот за правична застапеност не сакаше да ја напушти говорницата, а лидерот на Албанска лига, Зијадин Села застана до неа, по што спикерот Африм Гаши даде половина час пауза, за да се смири ситуацијата.

616

Пратеничката Илире Даути од партијата Албанска лига, заедно со лидерот на партијата, Зијадин Села ја блокираа денешната собраниска седница за пратенички прашања.

Даути бараше одговор за предлог-законот за правична застапеност, бидејќи, како што рече, сè уште не добила никакво писмено објаснување од премиерот Христијан Мицкоски кому му го испратила прашањето. Истакна дека денешната седница мора да се прекине доколку не се одговори на прашањето.






Даути повеќепати процедурално бараше денеска да ѝ се одговори пратеничко прашање. Потоа процедурално збор побара и пратеникот Ријад Шаќири од АА. Откако пратеничката не сакаше да ја напушти говорницата, лидерот Зијадин Села застана до неа, по што Гаши даде половина час пауза, за да се смири ситуацијата.

По паузата, седницата поворно беше прекината.

Потпретседателката на Собранието Весна Бендевска повторно даде еден час пауза, откако пратеничката Даути повторно побара збор за да даде процедурална забелешка.

Бендевска констатираше дека Даути три пати го прекршила членот 98 од Деловникот кој овозможува процедурална забелешка и ги уредува причините за кои се дава збор.

– Вие немате забелешка на водењето на седницата, а токму за тоа служи процедуралната забелешка – ѝ рече Бендевска на Даути.

Бендевска на почетокот на продолжението информираше дека пратеничката Даути добила одговор на нејзиното поставено прашање, со што, како што посочи, сите недоразбирања во претпладевниот дел на седницата, се завршени.

– ​Согласно член 99, на седницата на Собранието никој не може да говори пред да добие збор од претседателот на Собранието. ​Манипулирањето со институтот процедурална забелешка мислам дека е навистина претерано, со оглед на тоа што правото за процедурална забелешка на секој пратеник завршува кога го повредува правото на друг пратеник согласно Устав да поставува прашања до претставници на Владата кои се тука присутни. Затоа ве замолувам да се исклучите, за да почнеме да продолжиме со работа – рече Бендевска пред да ја објави паузата.

 

 

Фото: Принтскрин

Поврзани содржини