Што остана од духот на Мисирков?

Како можеле поединци од времето на Мисирков така јасно и национално чисто да ја видат иднината, некои и да ги дадат животите за неа, за денес некои лажомани и тезгароши да трампат цела држава заради сопствената благосостојба?

26

Нема да кријам дека кога, апропо оној „билборд за добредојде“, пишував за „невидливите“ вредности наспроти она што е видливо, или подметнато да биде видливо, го имав на ум и Крсте Петков Мисирков и неколкумина други македонски национални дејци. Не како потенцијални ликови за билборд, се разбира, туку како неспорна а речиси целосно невидлива вредност. Не ги спомнав зашто тие веќе стануваат анонимни за македонската јавност – особено за младите – иако некои, како Мисирков, има „споменик“ некаде околу потесното централно градско подрачје.

Но знаејќи дека бргу доаѓа стогодишнината од неговата смрт, решив тогаш да не го спомнувам имајќи го на ум токму овој текст.






И ќе се повторам: не знам зошто некои „структури“ во државава сметаат дека вредност е само она што е големо односно смислено предимензионирано за да остава впечаток на вредност. Спомнатите „структури“ знаат дека тоа, и бајковитата историја, сѐ уште доминираат во светогледот на македонскиот граѓанин. Како и материјалното, особено монструозно димензионираното, наспроти силата и големината на духовното.

Затоа впрочем за еден Мисирков – професор, публицист, историчар, етнограф и лингвист, идеен зачетник на кодификацијата на македонскиот литературен јазик, огнен заговорник за посебноста на македонската национална свест и историското право на национален развој – слушаме само по повод одбележувањето на годишнините од раѓањето и смртта. За жал. Наместо неговото име и дело да беа фундаментот на којшто ќе се гради македонската стратегија за евроатлантските интеграции во кризни ситуации, неа ни ја билдаа(т) коекакви неписмени пазарџии, полуписмени „професори“ и лекари-политиканти! Затоа и сме овде каде што сме.

И во тој контекст, како „структурите“ да забораваат – ако воопшто и знаеле – што претставуваат спомениците, нивните локации, нивната големина и „поза“… односно какви симболични пораки испраќаат во јавноста. Се разбира, немам намера сега и овде да анализирам дел од новопоставениот споменички циркус во Скопје, но вреди да се спомне дека (како што вели историчарот на уметноста Ворсник) спомениците често „ги третираме како да се некаков вид доказ или остаток на нивните субјекти“! Односно, тие „ја извртуваат временската линија, ги заматуваат историските води“, наметнуваа дури можеби и несакани релации и прикриваат, или свесно затајуваат важни околности за нивното настанување.

Затоа, на пример, зарем кога ја гледаме онаа предимензионирана кич-креација среде „Плоштадот Македонија“, се идентификуваме со неа и нејзината симболика/пораки за денешната држава? А помислуваме ли некогаш како таа воинствена симболика ја доживуваат луѓето во некогаш уништените градови, држави, цивилизации? И дали, можеби, спротивно на тоа, токму Мисирков не е тој – или еден од тие – родоначалници на современа Македонија што сјае со делото за почит? Се идентификуваме ли со мечот на воинот и неговите потенцијални придонеси за денешната држава или можеби со книгата „За македонцките работи“ како „артефакт“ што целосно и неприкосновено ја осветлува нашава сегашност?

И тоа, секако, е само една паралела, една релација којашто никако не пледира дека споменикот на Мисирков треба да го заземе местото на оној „Воин на коњ“. Не, бидејќи постојниот споменик на Мисирков – оној кај МАНУ – е само бледа, штура „идеја“ за неговото комплексно дело и придонес за оваа држава, за век и веков. Мислам дека ни тој не би сакал онаков „споменик“, особено не среде „Плоштадот Македонија“. На таквите луѓе државите им се поклонуваат на различни начини. Ние сме го именувале Институтот за македонски јазик и литература со неговото име и тоа е можеби вистинското негово вечно место. Иако – недоволно. Како што впрочем и „споменикот“ на Блаже Конески блиску до Мисирков е речиси мајтап со името и делото на тој великан, а стои баш пред ману (малите букви се одраз токму на нивната апсурдна негрижа за македонските великани!).

И затоа е крајно неразбирлива сегашноста во однос на онаа историска линија што ја нацртал Мисирков и многумина после него. Како сегашноста се поклонува на ирационални идеи, на панаѓурски манифестации на заслепено непочитување на борбата на генерации и генерации за ова што го имаме денес, а што коекакви политикантски палјачовци се обидуваат да го урнат или распродадат? Како можеле поединци од времето на Мисирков така јасно и национално чисто да ја видат иднината, некои и да ги дадат животите за неа, за денес некои лажомани и тезгароши да трампат цела држава заради сопствената благосостојба? И впрочем, како пред цели сто години, еден човек, а во името на своите сонародници и идни генерации, умеел да говори за „процес на нашето дуовно развиiаiн’е“, за „нашето национално самосознаiн’е“, и ако уште тогаш увидел дека „сега му iет времето да се мислит за iазико наш, нашата национална литература и воспитааiн’е во национален дух“, како тоа денес кај нас виреат слепци кои сакаат да ја матат историјата, да ги распродадат тој јазик, тој духовен развој и национално самосознание?

Но, за разлика од првите „структури“, има и други, некогашни „дворски елити“, кои државата ја гледаат како скапаница, тезга на „Бит пазар“ или соцреалистички супермаркет, а народот односно сопствената нација како безвредна, апатична, манипулативна збирштина и „ситна, поситна, не може да се замисли“. И бидејќи е, нели, таква, а особено поради нејзината малост, секој има право да ја тормози, понижува, навредува… а таа само покорно да ведне глава. Сѐ додека не дојдат оние „избраните“ да ни кажат кои сме, што сме и што треба да правиме! И по којзнае кој пат да ни ја подметнат сугестијата дека ние и нашата неспособност – а не тие и нивната корумпираност и некадарност! – сме виновни за „разурнатите темели на нашата независност“.

Не знам зошто воопшто им го дозволуваме тоа? Зарем на ништо не нѐ обврзува делото на поединци како Мисирков, на пример, и сите оние генерации по него, или слепцине мислат дека се и над нив? И дека ни тие не знаеле што говорат и прават? И зарем навистина нема кој да ги сопре оние лажомани кои се колнеа дури и во своите деца за името, за државата, за јазикот…?

Што ли би ни рекол денес Мисирков, како ли би нѐ видел? Или без збор би се симнал од оној „споменик“ и би избегал?

Извор: Теодосиевски уметност

Поврзани содржини