ЛУБЕНИЦА ИЛИ ДИЊА: ШТО Е ПОДОБАР ИЗБОР ЗА НИВОТО НА ШЕЌЕР ВО КРВТА? И двете овошја се здрави, но едното има мала предност
Лубеницата и дињата се омилени летни плодови, богати со вода, витамини и антиоксиданти. Но, дали едната е подобар избор за луѓето кои внимаваат на нивото на шеќер во крвта?
Лубеницата и дињата се меѓу најомилените летни овошја. И двете природно содржат шеќери и јаглехидрати, но и низа витамини, минерали и антиоксиданти кои придонесуваат за општото здравје.
Сепак, кога станува збор за контролата на шеќерот во крвта, многумина се прашуваат дали едната има предност пред другата.
– И лубеницата и дињата содржат природни шеќери кои можат да го зголемат нивото на гликоза во крвта, но истовремено се богати со вода, витамини и антиоксиданти и во вообичаени порции имаат релативно низок гликемиски товар – објаснува нутриционистката Британи Полсон за „Eating Well“.
Како лубеницата влијае на шеќерот во крвта?
Лубеницата содржи природни шеќери, па по нејзиното консумирање може да дојде до пораст на нивото на гликоза во крвта.
– Јаглехидратите од лубеницата се варат релативно брзо – вели Полсон.
Сепак, една шолја исечкана лубеница содржи дури 91 отсто вода и само околу 11 грама јаглехидрати. Поради тоа има повисок гликемиски индекс, но низок гликемиски товар.
Гликемискиот индекс покажува колку брзо одредена намирница го покачува шеќерот во крвта, додека гликемискиот товар ја зема предвид и количината на јаглехидрати во една порција.
Поради високата содржина на вода и релативно малата количина јаглехидрати, умерена порција лубеница нема драматично влијание врз нивото на гликоза.